| четврток, 6 декември 2018 |

Првиот добитник на „Златен Манаки“, режисерот Каан Муждеџи, ќе ја прими наградата во Скопје

Режисерот Муждеџи доаѓа по покана на „Јунус Емре институт“, кој беше еден од поддржувачите на 36.издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“

Утревечер во киното „Синаплекс“ во Скопје (20 часот) ќе биде прикажан филмот „Сивас“ на режисерот Каан Муждеџи, кој ја доби наградата „Златен Манаки“. Муждеџи е првиот добитник на оваа награда која ќе му ја врачи уметничкиот директор на  Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ од Битола Благоја Куновски – Доре. Муждеџи наградата ја доби на неодамна завршениот фестивал, во програмата „СЕЕ Камера“.

Наградата за најдобар филм му ја довери жирито во состав: Маја Богојевиќ, филмски критичар, Диомидес Никитас, продуцент од Кипар и Мирослав Момчиловиќ, режисер од Србија.

-„Сивас“ е храбар и иновативен филм кој непретенциозно се фокусира на љубовта помеѓу дете и куче, преку потресен портрет на едноставниот дневен живот во турско село, со контрасти на детските невини игри и несогласувањата со алчноста на возрасните. Ја покажува хуманоста во најдобро и во најлошо издание – стоеше во образложението на жирито.

Режисерот Муждеџи беше најавен како гостин и во Битола, но поради обврски поврзани со промоцијата на неговиот филм за наградата за странски филм „Оскар“, Муждеџи не можеше да ја посети Битола.

unnamed (1)

„Сивас“ е турско-германска копродукција снимена во 2014 година. Муждеџи е автор и на сценариото, а исто така е и продуцент на филмот. „Сивас“ е негов прв долгометражен игран филм. Кинематографери на филмот се: Норвежанецот Армин Диролф и Германецот Мартин Солванг.

„Златен Манаки“ ја надополнува листата со награди кои веќе надминаа десет.

Престижниот Венециски филмски фестивал лани му ја додели „Специјалната награда од жирито“.Филмот во Скопје ќе има само една проекција.

Улогите ги толкуваат: Доган Изџи, Озан Челик, Муталип Муждеџи, Ези Ерин, Хасан Оздемир, Фуркан Ујар, Окан Авџи, Хасан Јазилитас, Бану Фотоџан.

Аслан е 11-годишно темпераментно дете од мало сиромашно место во Анадолија. По една борба со кучиња тој го спасува поразеното куче по име Сивас, оставено да умре. Му помага на кучето да закрепне. Сакајќи да импресионира едно девојче кое му се допаѓа, договара меч со друго боречко куче. Сивас повторно почнува да се бори и да победува, со што Аслан го добива посакуваното внимание и од неговите соученици и од возрасните.

Пред да го сними „Сивас“, Муждеџи е потпишан на неколку кратки и документарни филмови.

Режисерот Муждеџи доаѓа по покана на „Јунус Емре институт“, кој беше еден од поддржувачите на 36.издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Со заеднички ангажман помеѓу двете институции беше прикажан филмот „Сивас“, чиј режисер не можеше да пристигне во Битола во договорениот термин. Благодарение на соработката, гостинка во Битола беше и една од најпознатите турски актерки Хатиџе Аслан, која беше член на жирито на програмата „Нов европски филм“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top