Шоуменот Игор Џамбазов, човекот што го познава секое ќоше во нашата Македонија, преку профилот на „Фејсбук“ на неговата мачка Емилија Џамбазова Бавчанска препорачува места што, веројатно, никогаш не би ви текнало да ги посетите. Како што вели, се работи за места со душа – прекрасни, скромни местенца каде што главни се само хомосапиенсите…тие го прават местото…
-Влегуваш во Гевгелија…на кружниот тек вртиш лево, возиш 200 метри право, па удираш директно “на пазаро“. На самиот крај на тезгите, од десната страна, се наоѓа едно мало место…со многу душа. Тоа е скромна, но надалеку позната боемска оаза на семејството Раденови. Најстариот…Крсте…е еден од најголемите музичари на овој град, и тоа на сите времиња. Неговите синови…близнаците Кико и Иван…се на добар пат да станат истото тоа. Иван е победник на првиот “Македонски идол“, а Кико е неговата верна сенка, и најсилна карика. Кај “Кај Кико и Иван“…има четири правила:
1. Никогаш не зборувај против Челзи.
2. Не прашувај “Каде е Смедерево?“
3. Не нарачувај – сами ти носат…
4. Живата музика оди гратис со ќебапите.
Газдава мој, таму ја имаше кобната алкохолна менструација, после која заврши кај Жан Митрев…на работа.
КАЈ КИКО И ИВАН…МЕСТО СО ДУША… – „напиша“ Емилија Џамбазова Бавчанска.
Доколку патот ве води на друг крај, или веќе сте биле на ова место, тогаш послушајте друг совет од Џамбазов, на пример поминете кај Тони Мишинката во Василево или кај газда Аце во Слепче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.