| четврток, 6 декември 2018 |

Роберт Поповски: Изборите беа „кланица“ за опозицијата, коалицијата е „лицемерно сојузништво“ без вистинска понуда

Идејата на професорот Љубомир Фрчкоски за поделба на две Македонии е апсолутна небулоза, а опозицијата во моментот е во една многу тажна приказна од секој аспект, смета новинарот Роберт Поповски во интервју за порталот интервјуа.ком.мк. Поповски оценува дека опозицијата нема конзистентна и конректна политика поради што довело до ситуација изборите за нив да бидат „кланица“.

–       Пред некој ден го читам Љубомир Фрчкоски, кој застапува идеја за две Македонии, за тотална поделба, до ниво на наши и ваши кафеани, продавници, образовни институции… Да сме бојкотирале се’ што има врска со власта. Па, тоа е апсолутна небулоза. Тогаш ајде, и да се иселиме од државата. Напротив, мојот став е дека ние мора да промовираме инклузивност во општеството, без оглед на начинот на кој владее Груевски. Нормалните структури во земјата да сфатат дека треба да има комуникација и да се обидат да ја реализираат по секоја цена, колку и да е тврдокорен неистомисленикот од другата страна. Мора партиите, кои не го прифаќаат начинот на кој власта ја води политиката да се обидат да допрат до секој поединечен граѓанин. Да разговараат со него, да го сослушаат, и потоа да му ги презентираат својот концепт. Народот не може да го смениме. Најлесно е да кажеме: „луѓето се наобразувани, неписмени, подложни на манипулација, генетски предодредени да бидат послушни…“. Но, што сме постигнале со тоа? Апсолутно ништо! Второ, ниту еден народ на светот не може да се дефинира толку едноставно. Режими и авторкратски системи се случувале и се случуваат во многу држави. Зарем Русија немала интелектуалци и храбри луѓе, или Германија пред Втората светска војна, односно цела Источна Европа по Војната? Секако дека имале, и секако дека не биле генетски предодредени за фашизам и диктатури. Секој народ бара решение, а кога му е најтешко тоа решение треба некој да му го понуди, и граѓанинот да го почувствува како понуда, вели Поповски.

Поповски оценува дека опозицијата направила повеќе конфузии во серија, што било резултат на фундаментално неразбирање на политиката и на политичките релации. Опозициската коалицијата ја нарекува „лицемерно сојузништво“ и смета дека во моментот не е важно дали СДСМ ќе се трансформира или ќе се формира нова партија туку дека треба да се изроди опција која ќе има понуда и алтернатива за граѓаните.

И покрај сето ова што го прави ВМРО ДПМНЕ, опозицијата не успева докрај да ја извлече онаа структура на луѓе, во кои со години тлее потребата за нормалност. А тоа е, за почеток, конзистентна и конкретна политика. Ќе бојкотирате или нема да бојкотитрате. Како тоа, два месеци зборувате нешто и тврдите дека сте цврсти како бетон, а потоа, во фотофиниш го менувате ставот? Во таква ситуација логично е дека изборите ќе бидат кланица за вас. Дваесет и четврти декември беше катастрофа. Според мене, тоа не е „црн понеделник“, туку смрт на демократијата во Македонија. Таков упад против пратениците и новинарите не може да се замисли во нормална европска држава. И, ако сте решени да не проголтате такво деградирање на системот, тогаш уште во тој ден излегувате од Собранието, ги враќате мандатите, се повлекувате од сите институции и веќе не ве интересираат никакви избори, кои нема да ги спроведе техничка влада. Или, ако сте решиле да останете, тогаш водете ја борбата институционално, прифатете комисија, учествувајте во расправа и потрудете се што е можно побргу да се расчистат состојбите. Шетајте по улица и демонстрирајте, но не зборувајте за бојкот. Може само едното или само другото. Такви конфузии опозицијата направи во серија, од бланко поддршката за името, па нејзиното повлекување, до небулозната застанување зад Законот за бранители, кој ВМРО го предложи како инат за Слупчане, а СДСМ наивно се „накалеми“. Или, на пример, како тоа коалицираат со „фашистот“ Груевски во Струга и во Кичево? Таква Македонија ли ми ја нудат како алтернатива? Етнички концепт? Па, тоа се коси со сите мои елементарни сфаќања за демократијата. Сето ова зборува дека нешто таму шкрипи темелно. Велат, нема слобода на медиумите, притиснати се или купени со реклами. Точно, но што со тоа? Која е алтернативната понуда на СДСМ? Како тие замислуваат кога ќе дојдат на власт да се справат со таа состојба? Сте слушанеле некаде нивно решение? Како да создадат потреба кај сегашните сопственици да имаат нормални медиуми? Или, зошто пред овие избори не ги повикаа Здружението на новинари и Новинарскиот синдикат, па и тие што не се членови на овие тела, да ги сослушаат, а можеби и да потпишат некој меморандум за разбирање, дека еден ден, кога ќе бидат власт, ќе имаат поинаков однос кон медиумите? Ништо од тоа не се случи, а така е во секоја област. Како тогаш јавноста да ги препознае политиките на СДСМ? Кои политики? Андреј Петров изјави дека Стевчо Јакимовски ги „издал другарите“. Па, што се тие, партија или друштво? Какав врска имам јас, како граѓанин, со нивниот другарски однос? Тоа е фундаментално неразбирање на политиката и на политичките реалции. Сега, пак, се чудат како Угриновски од Титови леви сили, час е за Жерновски, а час за Тодоровиќ. Па нормално, човекот си „брка работа“. Прашањето е како вие прифативте таква личност да ви биде коалициски партнер цело време пред тоа. Или Љубчо Георгиевски, и некој други, за кои е евидентно дека постои лицемерно сојузништво. Тоа е жална слика за опозицијата. Но, во суштина, најмалку е битно дали СДСМ ќе се трансформира или ќе се изроди нова политичка опција. Важното е да се изроди опција со ПОНУДА, односно конкретност, алтернативи на сегашните глупости на власта, која ќе застане зад тие алтернативи и ќе ги спроведе до крај, вели Поповски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top