| четврток, 6 декември 2018 |

Џејмс Блант: Додека бев војник на Косово мислев дека ќе почне Третата светска војна

Џејмс Блант е познат во светот како пејач на романтичната песна „You’re Beautiful“, а во соседна Србија можеби е попознат по тоа што бил војник на Косово за време на војната во 1999 година. Блант вели дека присуствувал на еден инцидент поради кој верувал дека „тогаш ќе започне Третата светска војна“.

Џејмс Блант е најпознат како пејачот кој во 2005 година ја пеел песната „You’re Beautiful“. Песната, која станала светски хит, според самиот пејач била „тешка за варење“.

Оттогаш стекнал многу обожаватели кои ги сакаат неговите духовити одговори на хејтерите на социјалните мрежи, но притисоците кои ги наметнува славата, не се ништо во однос на тоа со што се борел во претходната кариера.

Рахни Садлер од емисијата Недела навечер, на австралискиот Канал 7, минала пет вечери во неговиот дом на Ибица, и вели дека било фасцинантно да се гледа неговата снимка како млад човек кој е војник на Косово.


„Тој е многу интересен, не е стандарден пример за позната личност која често потекнува од кул околина, или пребродила некои потешкотии. Тој е од привилегирана средина и одел во воено училиште“, вели таа.

Пред да се прослави, Блант бил капетан во Британската војска, а како офицер во разузнавачките единици ги водел мировните трупи на НАТО на Косово.

При еден инцидент „помислил дека ќе започне Третата светска војна“, вели Садлер, бидејќи добил упатство да нападне Руси. Наредбата подоцна била повлечена.


Садлер и Блант разговарале и за тоа колку војничката служба била товар за неговите нерви.

„Кога ме пратија во Приштина, предводев 30.000 луѓе, што е навистина голем притисок, бидејќи си помислуваш: ‘Се надевам нема да свртам десно кога треба да свртам лево’“, рекол Блант вчера во емисијата Недела навечер.

„Имав задача пред своите команданти да ја истражам околината, да бидам нивните очи и уши… Земав камера и го снимив тоа што го видов на Косово“, вели тој.


Многу од работите што ги видов беа премногу грозни

Блант истакнал дека всушност не може да сними многу од тоа што се случувало, бидејќи било премногу „жестоко и грозно’.

„Во мојата глава немаше оправдание за тоа… Тоа е ужасен момент што го менува животот и мислам дека никогаш нема да гледам на ист начин кон некој човек“.

Иако бил командант во британската војска, а од војниците се очекувало да постапуваат според неговите наредби, тие не се срамеле да го критикуваат. Тој тогаш навикнал да се брани, особина која ја пренел и на комуникацијата на социјалните мрежи.

„Сето ова за него е толку банално, минал низ многу потешки работи во животот, па ова за него е неважно. Мислам дека е тоа позитивен став и дека нема многу луѓе кои на тој начин ги гледаат работите“, вели Садлер.

Извор: Toчка

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top