| четврток, 6 декември 2018 |

Почна изградбата на тениското игралиште во Сопиште

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески и градоначалникот на Сопиште, Стефче Трпковски присуствуваа на поставувањето камен-темелник на тениското игралиште во Сопиште.

Screenshot_1

Тенискиот терен ќе се гради по сите светски стандарди. Ќе биде ограден со жичана ограда, а ќе се постави и тврда акрилна подлога. Вљубениците на тенисот ќе можат да го користат и во вечерните часови. Инвестицијата е вредна околу 6 милиони денари, а се очекува да заврши за четири месеци.

– По само две недели од посетата на премиерот и владиниот тим на општината Сопиште, се реализира ветувањето за изградба на тенискиот терен во оваа општина, се наведува во денешното соопштение од  АМС.

Според Спасески, големо е задоволството кога ќе се реализира дадено ветување, но уште поголема е сатисфакцијата кога тоа ветување е во интерес на младите и граѓаните.

– За да се биде успешен во спортот, не е доволно само да се има желба или талент. Неопходно е да со вложува и во спортската инфраструктура. Во таа насока се капиталните инвестиции на Владата и АМС за изградба на спортски објекти, изјави Спасески, додавајќи дека само преку АМС во изминатите две години изградени се преку 60 спортски објекти низ целата држава.

Градоначалникот Трпковски се заблагодари на директорот на АМС и на Владата за оваа инвестиција, од која директен бенефит ќе имаат младите, но и сите вљубеници во „белиот спорт“.

– Оваа инвестиција е само почеток. Со Спасески утврдивме дека следната година ќе започне изградбата и на повеќенаменското игралиште, со што ќе им овозможиме услови за спортување на сите млади од општината, рече Трпковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top