| четврток, 6 декември 2018 |

Родители, спортувајте со вашите деца: в сабота во „ВИП арена“ во СЦБТ на дружба со познати спортисти

marjan-spaseski-1-640x360

В сабота ,во 12 часот сите дечиња од 6 до 10 години заедно со своите семејства ќе имаат можност заеднички да спортуваат со познати и врвни спортисти во големата „ВИП арена“ во СЦ „Борис Трајковски“. Станува збор за манифестацијата „Спортот и семејните вредности “ која втора година по ред се одржува во организација на Агенцијата за млади и спорт, СЦ„ Борис Трајковски“ и Сојузот на спортски федерации.

Директорот на АМС Марјан Спасески истакна дека целта на оваа манифестација е стимулирање на родителите што е можно повеќе време да поминуваат со своите деца и тоа квалитетно поминато време исполнето со спортско – рекреативни дружби.

– СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде средиште на насмеани родители што ќе можат да се забавуваат со своето семејство, но и со многу познати спортисти. Ќе нема победници и победени, ќе победи дружбата и радоста, а за сите присутни ќе има и награди, спортска опрема и реквизити – истакна Спасески.

Оваа година заедно со дечињата и нивните родители ќе се дружат спортистите Атанас Николовски, Томи Стефановски, Валентина Радуловиќ, Стевче Алушоски, Мартин Несторовски, Вели Мумин, Лина Ѓорческа и многу други.

Освен во Скопје , овој проект ќе биде реализиран и во други градови низ Македонија, како што беше случај и минатата година кога дечињата од 7 градови од внатрешноста се запознаа со познатите македонски спортисти и заедно спортуваа со нив.

Директорот на СЦ„ Борис Трајковски“ Златко Перински истакна дека преку овој проект дечињата од прва рака ќе се запознаат со СЦ„ Борис Трајковски“ и со условите на „ВИП арената“.

Тој ги повика родителите да ги донесат своите дечиња и заедно да спортуваат и да се забавуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top