Младиот тим на ракометниот клуб Металург за околу еден час во СЦ „Борис Трајковски“ го започнува третиот натпревар од Лигата на шампионите на домашен терен против норвешкиот шампион Елверум. Понесени од првата победа оваа сезона, онаа од второто коло во групата Д кога тимот на Автокоманда го победи Кадетен Шафхаузен, ракометарите на Лино Червар најавуваат безпоштедна битка во текот на сите 60 минути со цел да се оствари и втората победа во најелитното натпреварување.
И двете екипи имаат по една победа и еден пораз во првите две кола, но по обратен редослед. „Металурзите“ стартуваа со пораз во гости од Мотор Запорожје (30-24), а потоа дома славеа против Кадетен Шафхаузен (28-24). Елверум, пак, го победи Кадетен Шафхаузен на првиот меч во Швајцарија (31-30), а потоа дома, беше убедливо поразен од Скјерн (23-37).
– Победата против Шафхаузен е најдоброто нешто што му се случи на нашиот тим во последнава година и е многу важна за нашите настапи во наредните мечеви во Лигата на шампионите. Горд сум на нашите млади играчи кои докажаа дека имаат квалитет и огромен потенцијал. Сигурен сум дека овој триумф ќе ни даде крилја да оствариме и други добри резултати. Го респекираме тимот на Елверум кој е класичен производ на скандинавската школа. Очекувам тежок меч во кој ние уште еднаш ќе дадеме максимум за да оставриме добар резултат. Ако го победиме Елверум, тогаш нашиот следен дуел против Скјерн во Данска ќе биде големо дерби во групата – истакнува тренерот на Металург, Лино Червар.
И Червар и ракометарите ја повикаа публиката да дојде и да им даде поддршка на денешниот меч. Според, најавите, денеска на трибините во „Борис Трајковски“ ќе бидат и „Пиратите“ кои поради спорот со управата го бојкотираа минатонеделниот меч против Шафхаузен.
Натпреварот започнува во 17.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.