Македонската демократска историја минала низ многу премрежиња кога се изборните процеси во прашање. Но, во кус временски период, но богат со изборни искуства, сепак созреа амбиентот во кој се надминати и нерегуларности од банален карактер, како групно гласање или непроверување лични документи, до сериозни нарушувања со кршења кутии, изборни кражби, полнење кутии, „бугарски возови“, па и вооружени пресметки и убиства околу избирачки места.
И сите тие „болести“ за кои имаше сериозни забелешки во извештаите на набљудувачките мисии, а потоа и во годишните оцени на европските институции, се надминуваа тука, дома, секако, и со помош од поразвиените демократии. Но немаше странци во составот на Државната изборна комисија.
Несогласувањето, односно непризнавањето на изборниот процес од опозицијата на чело со Зоран Заев беше очекувана, па и од пониските партиски ешалони до некаде и најавувана „акција“ пред последните предвремени избори, кои СДСМ и коалицијата ги загубија со повеќе од 200 илјади гласови. ДИК ја раководеше човек на СДСМ, кој, пак, со сите законски надлежности ги заклучи изборите.
Претседателските и предвремените парламентарни избори од 27 април 2014 година беа ефикасно спроведени, вклучувајќи го и денот на изборите. Основните слободи беа почитувани, а кандидатите беа во можност да ја спроведат својата кампања без спречување на изборите што се спроведоа на 27 април во Македонија, се вели во заедничкото соопштение на меѓународните набљудувачи на претседателските и на парламентарните избори.
Забелешките, пак, кои ги имаа, се однесуваа на делови како одвојување на партиските од државните активности или пристрасното медиумско известување во изборна кампања, како и ажурирањето на избирачкиот список. Но, ништо од тоа досега не влегуваше во доменот на ДИК.
ДИК за измените се информира од медиумите
Моделот за измени во ДИК со моделот „три –три –три“, по три члена од владејачкото мнозинство и од опозицијата, а и три члена странски стручњаци, со тоа што и еден од нив би претседавал со највисокиот државен орган во момент на изборен процес, дојде како изненадување и за јавноста, и за членовите на ДИК и за стручњаците.
Членовите велат дека биле консултирани од комисијата што работи на ова прашање, кое произлезе од Договорот од Пржино, чијашто основна цел беше враќање на довербата кон институциите. Затоа услов беше и враќање на опозицијата во Собранието и вклучување во работата на органите.
Но, според извори од изборната комисија, не станало збор за ваков вид измена на моделот – со странски членови што би имале еднаква застапеност со позицијата и со опозицијата во нејзината работа, како и нивно раководење на ДИК. Особено што, како што нагласуваат, немало некакви поголеми забелешки или, како што се нарекува популарно, „политички притисоци“.
- Доколку е и прифатливо за политичките партии во ДИК да седат странци, еве и како некаква рамнотежа, иако и досега немало големи влијанија од партиите, сосема е неразбирливо зошто со неа би претседавал странец? Тој е само еден од сите членови, а разликата е што свикува седници што ги води и што потпишува завршни документи, а нема некаква одвоеност или влијание – посочуваат од актуелниот состав на ДИК за „Република“.
Ваквиот модел „три –три –три“ е на маса, кусо потврдуваат и од опозицијата. Но, сепак, во одговорите остана нејасно дали станува збор за странски или за домашни стручњаци. Тоа, пак, што сакаат да го нагласат од таму е дека посакуваат од изборниот процес на денот на гласањето да се исклучи администрацијата, а моделот „три по три“ да биде вметнат во избирачките одбори. Односно, тие да бидат по принципот по тројца партиски членови од власта и од опозицијата и тројца независни стручњаци. Но тоа е старо барање, кое неколку пати и досега било на маса, а завршуваше неславно со аргумент дека токму партизирањето на избирачките одбори е извор на нерегуларностите. Имено, во случај на вакво партизирање на избирачките одбори, стручњаците предупредуваа дека и при мала забелешка меѓу партиските членови, лесно се предизвикуваат изборни инциденти.
Странци во ДИК е уривање на суверенитетот
- Странец, странски државјанин може да биде само надворешен член, но не и член на ДИК, кој, пак, и би претседавал со највисокиот државен орган во моменти на избори – децидна е поранешната членка на Државната изборна комисија, Тања Каракамишева- Јовановска.
- Во моменти кога ќе се распушти Собранието, а Владата има ограничен простор за дејствување, ДИК е највисок државен орган. Таквото членување директно се негира со Уставот и со актуелните законски решенија. Тоа би бил преседан, кој се негира со сувереноста, додава професорката по уставно право и по политички систем. Дури и при измена на законот во врска со критериумите за избор на членови на ДИК, повторно би се довело во прашање дали странски државјанин може да биде член на највисок изборен државен орган во независна држава.
- Препуштањето на државниот суверенитет би било претерано спорно – нагласува професорот Жидас Даскаловски.
- Се работи за држава што постои 25 години и се очекува да има сопствени капацитети и волја на политичките партии за постигнување компромис, консензус. Ова е уште еден показател дека борбата се води со сите средства и дека во таа борба нема никаков начин да се премостат разликите. На крајот излегува дека ние не сакаме да преземеме одговорност, туку бараме да ја преземе некој друг. Поентата на Договорот од Пржино беше да се врати демократскиот процес, да учествуваат сите за да има договор, консензус на елити. Ова де факто кажува дека нема консензус на елити и дека тие, на некој начин, бараат интервенција на странски фактор, поголема или помала – вели политикологот Даскаловски. Тој се надоврзува на другите решенија од договореното од Пржино, па додава дека бидејќи не успеа да се наметне странец како решение во врска со изборот на специјалниот јавен обвинител, сега такво решение се наметнува за работата на ДИК.
- Тоа би било сериозен удар врз македонската демократија. Укажува дека нема доверба, а тоа е страшно – оценува Даскаловски.
До излегување на овој број на „Република“ немаше договор за тоа како ќе функционира ДИК, дали и колку ќе се зголемат нејзините ингеренции, дали и колкави измени ќе претрпи изборниот законик. И, секако, главното прашање што се наметна во јавноста, дали ќе се отвори вратата за влез на странци во ова тело. Сепак, колку и да е значаен Договорот од Пржино за нормализација на македонската политичка сцена и, секако, нејзиниот исчекор кон евроинтеграциите, како што нагласуваат меѓународните фактори вклучени во преговорите, тоа што ќе произлезе од меѓупартиските договори, пред сѐ, мора да ја почитува македонската сувереност. Само тогаш ќе се зачува и вербата во домашните институции и во искреноста на желбите за напредување на македонската демократија во целост.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 160. број на неделникот „Република“, 25.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дерковски: Едно гласачко место е поништено бидејќи резултатот намерно бил променет
-
ДИК: Со последните обработени податоци 91,4 отсто за, 5,64 отсто против
-
Нема проблеми при доставата и примопредавањето на гласачките материјали – ДИК ја одржа првата прес-конференција
-
ДИК апелира изборните органи да работат професионално и одговорно, набљудувачите да се придржуваат до Кодексот