Значителен дел од документацијата доставена пред судот во Њујорк во аферата „Телеком“ отпаѓа на консултантските договори потпишани со компанијата „Чаптекс“, со седиште во Кипар. Оваа компанија, предводена од Гркот Михаил Кефалојанис, клучен соработник на контроверзниот бизнисмен Димитриос Контоминас, склучувала договори со Македонски телекомуникации, групацијата „Стоунбриџ“ на „Маѓар телеком“ и со „Телемакедонија“ – консултантската компанија преку која Македонски телекомуникации ангажирал стручњаци од странство и од Македонија.
Според обвиненијата од американската Комисија за хартии од вредност, „Чаптекс“ била компанија што извршувала божемни консултантски услуги, а всушност постои сомнеж дека добиените пари им ги предавала на македонските политичари – од врвот на СДСМ, тогаш раководен од Владо Бучковски и од Радмила Шекеринска и на раководството на нивните коалициски партнери.
Договорите со „Чаптекс“, по право, се склучени на сума малку под еден милион евра. Ова, наводно, се правело за да се избегне обврската да се распише тендер и да не се предизвика вниманието на ревизијата во Македонски телекомуникации или „Маѓар телеком“. Договорите се склучувани на различни датуми, и можно е некои од нив да се и менувани. По правило, тие содржат општи одредби дека на пример, компанијата „Чаптекс“ ќе нуди „консултантски услуги, поддршка, советодавни услуги, во врска со сите прашања во Македонија, стратегиски маркетинг, регулаторно советување и слично“. Но, вистинската содржина на договорот е во нивните анекси, приложени на крајот на договорот. Во нив е опишана реалната услуга, која „Чаптекс“ требало да ја испорача.
„Република“ веќе пишуваше за договорот вреден 980.000 евра што „Чаптекс“ го склучил со групацијата „Стоунбриџ“, на „Маѓар телеком“ на 1 јуни 2005 година, за да изврши измени на текстот на Законот за работни односи, кој беше усвоен во Собранието на 22 јули истата година. Во овој случај, сумата од речиси еден милион евра, преку „Чаптекс“, била вратена во Македонија и се претпоставува дека им била исплатена на некои членови од раководството на СДСМ, тогаш раководен од Бучковски и од Шекеринска, со цел пратениците од владејачкото мнозинство да го изгласаат законот, кој значително ги намалува работничките права, за среќа, без обидот на Македонски телекомуникации да се укине правото на заштита на работниот однос при бременост или при потреба на нега на член од семејството.
Еден од првите договори склучени со „Чаптекс“, кој излегува над вообичаената сума од 980-990 илјади евра, бил склучен на 22 октомври 2004 година, меѓу вкупно четири компании – „Маѓар телеком“, „Телемакедонија“ – консултантското тело на Македонски телекомуникации, „Космотелко“ – компанија на Контоминас со која учествувал во купувањето на дел во Македонски телекомуникации и „Чаптекс“. Договорот е за вкупен износ од 1,7 милион евра, кои „Телемакедонија“ требало да му ги исплати на „Чаптекс“. Овој договор е интересен затоа што во неговиот анекс се наведени поголем број отстапки што „Маѓар телеком“ сакале да ги добијат од македонските регулаторни власти и, практично, испратиле 1,7 милион евра за потребите на коалицијата СДСМ-ДУИ-ЛДП. Во анексот пишува кои се заканите за Македонски телекомуникации при либерализацијата на македонскиот пазар и кој е посакуваниот резултат за компанијата.
Како закани е наведено, на пример, дека регулаторното тело – Агенцијата за електронски комуникации – ќе има силни овластувања. Желбата на „Маѓар телеком“ и на Македонски телекомуникации била АЕК да нема можност да носи акти со законска сила.
Друга закана идентификувана во договорот е на Македонски телекомуникации да му се одреди статусот СМП – Significant Market Power, или значителен играч на пазарот на телекомуникации. Имајќи го предвид тогаш речиси монополскиот статус на МТ во мобилната, фиксната телефонија и давањето интернет-услуги, Македонски телекомуникации секако ги исполнувале условите да бидат прогласени за значителен играч на пазарот и да се соочат со регулаторни последици и обврски да го отворат пазарот за други компании, кои би понудиле поевтини и поквалитетни услуги. Според договорот, целта на МТ е со закон овој статус накусо наречен СМП да може да им се изрече само во областите каде што нема други компании што нудат исти услуги. Во случајот на мобилната телефонија, на пример, според Македонски телекомуникации, би било доволно што воопшто постои друг конкурент – „Космофон“ – без да се земе предвид тоа што мобилниот оператор на Македонски телекомуникации „Мобимак“ има неспоредливо поголем дел на пазарот од „Космофон“.
Во другите „закани“ за удобната позиција на Македонски телекомуникации, за кои компанијата била подготвена да ѝ плати на коалициската влада предводена од Бучковски и од Шекеринска за да ги отстрани – се наведени опасноста АЕК да ја регулира цената на телефонските импулси, методологијата за пресметување на интерконекциските услуги и обврската на МТ да дозволи пристап на други компании до фиксната телефонија, преносливост на броевите и воведувањето на можноста ФРИАКО да не се мери времетраењето на поврзаноста на корисниците на интернет преку дајлап-врска. На пример, за преносливоста на броевите, Македонски телекомуникации и „Маѓар телеком“, во договорот со кој исплатиле 1,7 милион евра на коалицијата предводена од Бучковски и од Шекеринска, се согласиле да дозволат преносливост само на фиксните броеви. Во практика, ова би значело дека дури и да се појави посилен конкурентски мобилен оператор, корисниците што би сакале да се префрлат на него од скапата мрежа на „Мобимак“, не би можеле да го користат својот стар телефонски број и префиксот 070, што претставува голема непријатност за корисниците, кои, според очекувањата на „Маѓар телеком“ и на Македонски телекомуникации попрво ќе плаќаат повисоки сметки отколку да мора да го информираат целиот свој круг на пријатели за новиот телефонски број. Особено е интересна последната точка – воведувањето на мобилен виртуелен оператор – компанија што не би имала право да поставува свои базни станици и да гради своја инфраструктура во Македонија, но би понудила конкуренција користејќи ја постојната мрежа на „Мобимак“ или „Космофон“. Во договорот од 2004 година со кој се исплатени 1,7 милион евра, Македонски телекомуникаци и „Маѓар телеком“ ѝ платиле на тогашната македонска влада преку посредниците испратени од Контоминас, со цел да не се воведе дури ни ваков вид послаба конкуренција.
Дел од натамошните договори со „Чаптекс“ ги разработуваат овие прашања, а дел отвораат нови. Така, на пример, договор потпишан на 1 мај 2005 година меѓу директорите на Македонски телекомуникации Атила Сендреј и Ролф Плат и Михаил Кефалојанис од „Чаптекс“, предвидува дека на кипарската компанија на Контоминас ќе ѝ се исплатат 980.000 евра за да се издејствува македонските власти да ја намалат фреквенциската давачка, која Македонски телекомуникации требале да ја платат од 4,8 милиони евра најмалку на 2,7 милиони евра, и тоа да се издејствува до 30 јуни 2005 година.
Дополнително, Владата на Бучковски и на Шекеринска, преку овој договор потпишан со Контоминас, инкасирала 980.000 евра за да се откаже од ретроактивна наплата на оваа фреквенциска давачка за 2003 година и за 2004 година и да се обврзе давачката за 2006 година да изнесува само 1,2 милион евра.
Со ова, македонскиот буџет ќе останел покус за еден милиони евра што Македонски телекомуникации требало да ги платат, но партиските каси на СДСМ и на ДУИ или приватните сметки на нивните лидери ќе се наполнеле со речиси еден милион евра, испорачани преку Контоминас.
Договорот дополнително предвидува од што ќе зависи исплатата на парите за поткуп на македонските тогашни власти. Од намалувањето на фреквенциската давачка зависеле 60 проценти од исплатата, од нејзината ретроактивна примена зависеле дополнителни 15 проценти од милиончето што водачите на владата требало да го поделат, а од намалувањето на давачката за 2006 година зависеле уште 25 проценти.
Друг договор, потпишан на 1 јуни 2005 година, меѓу Чаптекс и групацијата Стоунбриџ, предвидувал повторно 990.000 евра за кипарската компанија на Контоминас, кои ќе бидат исплатени на нејзината сметка во Кипарската народна банка во Никозија во замена за издејствување поволна методологија за тарифирање на разговорите, да се одбегне обврската Македонски телекомуникации да наплаќа услуги за трети лица и да се одбегне опасноста Македонски телекомуникации да бидат прогласени за значителен, доминантен играч на пазарот. Интересно е што во овој договор е содржана одредба дека ништо во него нема да го прекрши американскиот закон за корупциски дејности во странство. Ова е токму законот што им дава право на американските власти, конкретно на Комисијата за хартии од вредност на САД, да гони компаии како „Маѓар телеком“, кои котираат на американската берза за поткупот исплатен на СДСМ и на ДУИ преку Кипар. Ова укажува дека со текот на времето, во „Маѓар телеком“ станале свесни дека можат да бидат изложени на сериозна американска истрага за парите што ѝ ги плаќале на владата на Бучковски, Шекеринска и на Ахмети. Законот им дозволува на САД да ги гонат директорите на „Маѓар телеком“ затоа што оваа компанија котира на берзата во Њујорк, и со тоа се смета дека секоја коруптивна зделка во која Маѓар телеком влегол каде било во светот, практично претставува измама на американските државјани, кои на берзата ќе купат акции на „Маѓар телеком“, без да знаат дека за тоа во иднина може да се води кривичен случај во Македонија. САД ги гонат менаџерите на „Маѓар телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, кои се обвинети дека ги измамиле своите американски акционери со поднесувањето лажни завршни сметки до Комисијата за хартии од вредност на САД, во кои договорите со „Чаптекс“ биле лажно претставени како реални, вистински консултантски договори, а не како обичен поткуп на раководствата на партиите СДСМ и ДУИ. Токму овие договори, како и неколкуте други договори потпишани со „Чаптекс“, се основа и за кривичниот случај поведен во Македнија против директорите во Македонски телекомуникации, Атила Сендреј и Ролф Плат, директорот во групацијата „Стоунбриџ“ Золтан Кишиуж и посредникот на Контоминас – Михаил Кефалојанис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
ВМРО-ДПМНЕ: Зоран Заев и Радмила Шекеринска не можат да бидат решение за проблемите во Република Македонија – тие се проблемот на оваа држава
-
Шекеринска: Амандманите никој нема да ги пишува зад затворени врати
-
Шекеринска потврди: МО ќе оддели милион евра за кампањата за референдумот
-
Тонч за Шекеринска од 2010: Да сакаше СДСМ досега 10 пати ќе го променевме името