| четврток, 6 декември 2018 |

Учениците од „Арсени Јовков“ со симптоми на кашлање и солзење на очите, пуштени на домашно лекување

Четиринаесет ученици од средното економско и правно училиште на град Скопје „Арсени Јовков“, кои со симптоми на кашлање и на солзење на очите вчера попладне и вечерта биле примени на Клиниката за токсикологија, се пуштени на домашно лекување. Тројца ученици што со истите симптоми вчера биле примени во Градската општа болница „8 Септември“, исто така се пуштени на домашно лекување.

Доктор Нестор Поповски од Клиниката за токсикологија денеска изјави дека од примените ученици, еден бил задржан в болница и по неколку часа е пуштен на домашно лекување.

– Сите направени испитувања беа во границите на нормала така што ниту едно дете не е во каква било опасност. Може и денеска да има некои тегоби во смисла на кашлање и на печење на очите, но други симптоми нема. Денеска четири – пет лица дојдоа на контрола, немаат никакви посебни симптоми и дадена е терапија повеќе за иритација на очите – рече Поповски.

Појасни дека материјалите што беа земени вчера  за анализа се испратени на испитување, а резултатите, веројатно, ќе бидат негативни.

– Мислам дека тоа било детска игра, детска шега, а не нешто посериозно. По кажувањата на професорите, имало чад. Може да биле и димни бомби. Ние не можеме точно да кажеме за што се работи. Според мене, ако е солзавец, тоа е поголема количина, би се јавиле повеќе луѓе и симптомите би биле поизразени. Ова е обична иритација без некои компликации. Никој не се јави со компликации – додаде доктор Поповски.

Во врска со случајот МВР соопшти дека вчера во 15.50 часот од страна на лице вработено како обезбедување во СУГС „Арсени Јовков“ е пријавено дека во училиштето за време на големиот одмор засега непознато лице или лица испрскале непозната иритирачка материја.

Веднаш по пријавувањето на настанот од страна на полициски службеници од СВР Скопје се преземени мерки и активности и од извршените разговори е констатирано дека истиот ден за време на големиот одмор од втората смена повеќе ученици почнале да излегуваат во училишниот двор и да се жалат на печење во грлото, носот и очите.

Одговорното лице за физичко обезбедување во училиштето, кое бил во училишниот двор, веднаш ја известило директорката на училиштето за настанот, а таа повикала Итна медицинска помош, со чиишто возила учениците се пренесени и хоспитализирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ на во Институтот за токсикологија и во ГОБ „8 Септември“, при што на сите им е констатирана иритирачка кашлица и задушување предизвикана од непозната материја и по укажаната помош сите се пуштени на домашно лекување. За настанот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top