Екипата на Металург в сабота со почеток од 17.30 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во рамките од третото коло од Лигата на шампионите го пречекува норвешкиот шампион Елверум. По победата над Кадетен Шафхаузен минатиот викенд тренерот на екипата од Автокоманда, Лино Червар предупредува дека неговите млади играчи не треба да се „залетуваат“ и треба да влезат во натпреварот крајно концетрирано и да ги одбработат сите 60 минути на високо ниво како мечот против Кадетен.
– Иако победивме против Кадетен минатиот викенд и атмосферата во тимот е на високо ниво, треба тој натпревар да го оставиме зад нас и да се насочиме кон Елверум. Одигравме добра одбрана и посакувам таа да се повтори и во саботниот натпревар. Тоа е клучот за успехот. Агресивноста во екипата не изостанува и да се обидеме да ги намалиме грешките. Ние сме млада екипа која може многу да напредува и ќе се обидеме да ги поправиме грешките во нападот. Сепак најважен дел е одбраната без која неможе да се добие ниту еден сериозен натпревар – истакна хрватскиот тренер на денешната прес-конференција.
Лино Червар ги потенцираше најголемите опасности кои доаѓаат од норвешкиот тим. Се работи за екипа која игра одлична одбрана, и има солиден напад преку беоковската линија. Голманите им се фантастични иако немаа свој ден на претходниот дуел.
– Елверум е еден посилен тим, има неколку добри играчи. Пред се мора да обрнеме внимание на десниот бек Вестергард. Втор играч на кој се базира играта на Елверум е Лука Митровиќ, како и Линд Бое, на крило, а го имаат и високиот пикер Боресен. Со Шафхаузен одиграа подобро, дома изгубија од Скјер. Елверум добро се држеше, но одбраната не им беше толку цврста како на првиот меч и Скјерн лесно победи. Ќе решава одбраната, играат цврста одбрана 6-0. Мора да ја избегнеме нивната висока одбрана и да бараме пат до голот. Можат да бидат многу опасни на контра. Ова секако ќе биде еден интересен натпревар – вели Червар.
Желбата на сите во таборот на „металурзите“ е да се повтори добрата игра и заедно со публиката која се очекува да дојде во што поголем број да се израдуваат на уште една победа. Ова го порачува Никола Костески кој одигра добар натпревар против Кадетен Шафхазузен.
– Публиката е наш осми играч. Секогаш е тука да ни помогне и посакуваме да дојде на овој натпревар во што поголем број. На натпреварот против Работнички во домашниот шампионат дојдоа и „Пиратите“ кои се очекува да се појават и да ја понесат и другата публика – изјави Костески
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.