| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува карванот на Саеми за вработување

Во присуство на министерот за труд и социјална политика Диме Спасов,директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски и градоначалникот Марјан Ристески денеска во просториите на ЦК „Марко Цепенков“, Агенцијата за Вработување на Република Македонија денеска го започна вториот по ред караван на Саеми за Вработување низ државата, каде на сите граѓани им се овозможува шанса преку модерен и интерактивен пристап да стапат во контакт со многубројни и можни идни работодавачи. Првата дестинација на овој нов караван на Саеми за вработување беше градот под Марковите кули.

karavanpp

– Денеска го започнавме вториот по ред караван на Саеми за вработување, а како за нов почеток го одбравме Прилеп. Како што можевме да видиме од првиот караван каде во склоп на Саемите за Вработување ја обиколивме Македонија и посетивме осум градови меѓу кои Скопје, Неготино, Штип, Охрид, Струмица, Битола, Куманово и Тетово, успеавме да ја намалиме невработеноста во државата, да помогнеме на голем број граѓани да го пронајдат своето ново работно место и на работодавачите да го зголемат бројот на своите кадри, а со тоа и квалитетот на нивните услуги и производи за сите заинтересирани да го пронајдат она кое што го бараат и со тоа да ја подобрат својата иднина и кариера – изјави Влатко Поповски, директор на Агенцијата за Вработување на Република Македонија.

Градоначалникот Марјан Ристески ги поздрави одлуките на големите компании, да инвестираат во прилепскиот регион.

– Се радувам што една компанија како Гентерм ќе работи и произведува во овој регион, а со тоа ќе овозможи нови работни места за Прилепчани, кои сè почесто освен што бараат работа, користат владини мерки за намалување на невработеноста во Македонија – посочи градоначалникот Ристески во својата изјава.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, ги посети штандовите на работодавачите и поразговара со нив.

– Со самиот факт што на овој саем учествуваа 40-тина компании и информацијата дека добивме повеќе од 2000 ЦВ-а, говори дека овој саем е успешен. Караванот Саеми за вработување продолжува оваа година со една и единствена цел: да се намали невработеноста во Македонија – посочи Диме Спасов, Министер за труд и социјална политика на Република Македонија.

Следниот саем за вработување се најавува во Велес на 7-ми октомври.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top