Борбата за нови работни места продолжува. Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, денеска беа во посета на Куманово, каде што го означија почетокот на карванот „Македонија вработува 2“.
– Иако е лето, напорно работиме и продолжуваме со реализација на проектите кои се од значаен интерес на граѓаните на Република Македонија. Пред само неколку дена започна со реализација проектот „Македонија вработува 2“, којшто беше прифатен од пошироката јавност, пред сѐ од социјалните партнери, од репрезантативните синдикати во Република Македонија, од организациите на работодавци и од експертската јавност, меѓутоа најбитно и од приватниот сектор којшто ги користеше бенефитите што ги нуди проектот „Македонија вработува“. За нас од особена важност е транспарентноста, односно доближувањето на условите, начинот за аплицирање, критериумите, групите на невработени лица коишто ги опфаќа проектот „Македонија вработува 2“, да ги доближиме до што е можно повеќе граѓани, до што е можно повеќе компании. Токму заради тоа од денес започнува караванот „Македонија вработува 2“ од Куманово и во наредните три месеци ќе продолжиме со посета на сите општини низ Македонија, на сите населени места, исто така ќе продолжиме со директна и непосредна комуникација и презентација на мерките, на поволностите, на можностите, на бенефитите коишто ги нуди проектот „Македонија вработува 2“ до граѓаните на Република Македонија, меѓутоа и, пред сѐ, до приватните компании, со директни средби со граѓаните, со директни посети кај приватните компании да ги понудиме можностите коишто ги нуди овој проект, да ги образложиме бенефитите и користа што ќе ја имаат од користење на проектот, затоа што за нас секое ново отворено работно место е важно – рече Спасов.
Тој посочи дека првиот дел на проектот во текот на изминатата година помогнал да се отворат голем број работни места, истиот, како што рече, е огромна поддршка на македонската економија, на приватниот сектор, а со него им се помага на невработените граѓани коишто влегуваат во овој проект побрзо да стигнат до своето работно место.
Спасов ја искористи можноста и им честита на вработените во Агенцијата за вработување на Република Македонија за посветеноста во презентацијата на овој проект и во нудење на можностите коишто ги нуди државата за отворање нови работни места во Република Македонија.
– Колку повеќе ги доближиме можностите коишто ги нуди проектот „Македонија вработува“, толку повеќе работни места ќе се отворат, толку на повеќе луѓе ќе помогнеме во наредниот период – рече Спасов.
Во одговор на новинарско прашање за тоа какви се очекувањата и како ќе влијае овој проект во општина Куманово, Спасов рече:
– Изминатиот период многу пати доаѓав во посети на приватни компании во Куманово и во голем број општини на нашата држава, проектот „Македонија вработува“ помогна на над 480 приватни компании да го зголемат бројот на нови работни места. Во Куманово за само една година се отворија нови 911 работни места преку проектот „Македонија вработува 1“ и оттука сметам дека и натаму овој проект ќе продолжи да им помага на компаниите од Куманово, меѓутоа, пред сѐ, на невработените лица коишто бараат работа побрзо да стигнат до посакуваното работно место – рече тој.
Директорот на АВРМ, Влатко Поповски, нагласи дека проектот „Македонија вработува 2“ веќе е во оперативна фаза и дека секоја компанија што има можности да вработува, има потреба да вработува лица, може веќе да го почне тоа бидејќи системот навреме е подготвен.
– За почеток треба да поседуваат потврда од УЈП за платени даноци, придонеси, значи јавни давачки и веднаш во истиот момент може да се реализира самото вработување. Нашиот систем е подготвен, така што секоја компанија која има потреба да вработува може да го почне сето тоа. Мора да нагласам дека пресечниот датум е 12 мај 2016 година од којшто го земаме бројот на вработени коишто се во таа компанија. Така што по овој период доколку има намалување може да биде само по основа природен одлив, значи тоа се двата основни случаи во делот каде што се починат работници или пензионирани, секое друго намалување ќе се смета дека го намалиле вкупниот број вработени. Компаниите што се во оваа целна група, над 35 илјади компании, се известени преку имеил алатката што ја поседуваме – рече Поповски.
Тој спомна дека „Македонија вработува“ може да се комбинира и со другите мерки што се достапни, како што се мерките практиканство или обука кај познат работодавец. Како што спомна, и за оние што допрва ќе отворат фирма и сакаат да се самовработат, проектот „Македонија вработува“, исто така, ќе важи и може да го искористат од 3 до пет години, во зависност од нивната возраст.
Директорот на Канцеларијата на Агенцијата за вработување во Куманово, Милорад Тренчевски, посочи дека проектот „Македонија вработува“ дал свој придонес во намалувањето на невработеноста во општина Куманово. Тој информира дека во моментов бројката на активни баратели изнесува 10.010 и околу 8.992 лица кои пасивно бараат вработување.
Според него, успешноста на проектот „Македонија вработува 1“ дава оптимизам дека продолжението на оваа мерка ќе даде уште поголем придонес во намалувањето на невработеноста во Куманово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Во Дебарско со„Македонија вработува 2“ – 90 директни вработувања
-
Промовирање на мерката „Обуки за напредни ИТ вештини“
-
И оваа година, новогодишниот караван на „Тинекс“ шири празнична магија низ цела Македонија
-
Спасов: Предвидени се голем број проекти за подобрување на животниот стандард на граѓаните