Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, и министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, не учествуваа на состанокот посветен на борбата против насилниот екстремизам и таканаречената „Исламска држава“, организиран од страна на американскиот претседател, Барак Обама.
Грчките медиуми јавуваат дека неучеството на Ципрас и на Коѕиас се должи на „мал дипломатски инцидент“, поради тоа што Македонија на состанокот е претставена под уставното име Република Македонија.
Со оглед на тоа што Грција е само набљудувач на состанокот, затоа што минатата година не учествуваше, грчкиот премиер нема право да интервенира, што значи не може да поднесе приговори.
Според грчки извори, грчката амбасада во САД побарала од Стејт департментот и од Белата куќа да го сменат нашето име во ПЈРМ. Сепак, како што јави вчера „МИА“, помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот, Викторија Нуланд, го одбила барањето на Грција со образложение дека САД во ноември 2004 година ја признаа Република Македонија под уставното име.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.