Директорот на Македонската кошаркарска федерација, Заре Марковски, на прес-конференција проговори за проблемите во младинската кошарка. МКФ според него планира да се фати во костец со проблемот, а Марковски најави воспоставување на нов систем на работа, откако беше утврдено дека овој досегашниот не вроди со плод.
„Според сегашната ситуација, се наоѓаме на самото дно на второлигашкото натпреварување во Европа. Во моментов и тие момчиња што играат надвор од Македонија, дури и тие не се некој забележителен дел од европската кошарка. Можеме да зборуваме за плод на еден систем што треба да го креираме, систем што во моментов не постои. Временски рамки не можат да се дадат во моментов, но сметам дека по само една година ќе се види дали сме направиле чекор напред. Според мене ова е многу поважен дел од работата отколку сениорската репрезентација“, изјави Марковски.
Тој посочи дека е погрешно вината да се посочи само кон тренерите.
„Да се фрла вина само врз тренерите е премногу, и тие се жртви на организацијата и системот на натпреварување. Слаби се контактите со европската кошарка, затоа велам дека е тенденциозно да се фрла со дрва и камења само врз тренерите. Се уште е рано за конкретен концепт за иднината, но планираме истиот да се одвива во неколку чекори. Првиот чекор е реструктуирање на Стручниот Совет, вториот чекор е централизирање на списоците на репрезентативци, сакаме да избегнеме она што се случуваше на лице место, 30% од кошаркарите се неприродно влезени во репрезентацијата, трето мора да биде едукација на тренерите. Во моментов таа методологија ни е иста како таа од пред 30 години. Четвртиот фактор мора да биде системот на натпреварување, кој е тотално непродуктивен и мора да се смени. Не беше запазен квалитетот, туку квантитетот, а тоа мора да се промени“, вели директорот на МКФ.
Интересен е концептот за „централизирање“ на списоците во младинските категории, задача што досега ја имаше само селекторот.
„Се сомневаме во изборот на кошаркари, веруваме дека 30% од играчите не се избрани според вистински критериуми. Затоа, изборот ќе го врши селекторот заедно со директорот на МКФ и со координаторот, а изборот на играчи треба да биде консензуален“, констатира Марковски.
Ограничувањето на бројот на странци е тема за која веќе е дискутирано, но МКФ засега не наишла на слух кај прволигашите.
„Се обидуваме да го намалиме бројот на странци, но тоа не оди така лесно бидејќи клубовите имаат свои аргументи. Се се ограничува на локални пресметки, нашата кошарка се сведува на локални рамки и потоа се соочуваме со проблеми кога ќе излеземе во Европа“, заврши Марковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.