Сѐ повеќе има деца кои имаат симптоми на сколиоза, покажа едно истражување кое го реализирале лекари од Првата општа болница „Ремедика“. Според резултатите од тоа истражување, многу е висок процентот на родители кои не го однеле своето дете на ортопедски преглед кој е надвор од редовните систематски прегледи кои ги организира училиштето. За симптомите на сколиозата, факторите и за начинот на лекување, разговараме во д-р Александра Димова, специјалист ортопед.
Кои се симптомите на сколиозата? Како се манифестира оваа болест?
ДИМОВА: Сколиозата е деформитет на ’рбетниот столб во неколку рамнини. Тоа е искривување на ’рбетот во форма на латиничната буква „с“. Покрај искривувањето, има и ротација на самите пршленски тела. Тоа е крајниот ефект на деформитетот. Сколиозата е едно комплексно искривување кое, на око, најчесто се манифестира со асиметрија во висината на рамениците, асиметрија во испакнатост на лопатките, во самиот струк, еден вид грпка на одредени делови на телото.
Дали родителите знаат да препознаат дека нивното дете има искривување на ‘рбетот?
ДИМОВА: За жал, почетните манифестации на искривувањето на ’рбетот најчесто поминуваат незабележано од страна на родителите, но и од страна на децата. Адолесцентите се онаа група што е најчесто нападната од овој деформитет. За жал, ако стручно лице не го препознае, во смисла на систематски преглед, почетните деформитети на ’рбетниот столб долго време се провлекуваат незабележително, сѐ додека не земат замав, додека не се развијат до оној стадиум кога искривувањето навистина е очигледно, кога некој од околината ќе забележи. Тоа се години кога младите луѓе, повеќе заради пубертетот, се повлекуваат, се кријат во своите соби. Едноставно, родителот нема можност да го уочи деформитетот. Во периодот на адолесценција има најголем развој на овие деформитети. Тоа е таканаречена група на адолесцентни сколиози. Се јавуваат и како конгенитални, јувенили, инфантилни во раната возраст, непосредно по раѓањето. Тоа се други видови сколиози кои се следат и се третираат уште од најрана возраст. Адолесцентната сколиоза, како една најчеста и најинтересна група на сколиози, се јавува токму во тие пубертетски години.
Откако ќе поминат редовните ортопедски прегледи за новороденчето и контроли до тригодишна возраст, како да се нема навика потоа редовно да се носат децата на ортопедски преглед. Зошто е тоа така?
ДИМОВА: Контролите на специјалистот пофреквентно се закажуваат до четвртата година од живот, кога се следи непосредниот раст и развој, моториката, проодувањето, оските на нозете, стапалата итн. Тоа не значи дека тука треба да се застане. Следната рутинска ортопедска контрола е околу седумгодишна возраст, кога почнуваат обврските во училиштето и кога почнува да се следи ’рбетот и да се прави скрининг за деформитети на ’рбет.Во овој период има и редовни систематски прегледи организирани од страна на училиштето. Но, сепак, таму се проверуваат повеќе работи, за кусо време се вршат прегледи на поголема група деца и можно е да се случи да не се забележи некаков деформитет, посебно ако се иницијални. Убаво е и треба да се има свесност и навика за редовен рутински ортопедски преглед, токму поради скринингот на деформитетите на ’рбетот.
Дали само тешките ранци со книги за на училиште се причина за појава на сколиозата кај децата?
ДИМОВА: Не се само тешките ранци причина за појава на сколиоза. Напротив, причината на најголемата група на сколиоза ја нарекуваме идиопатска, што значи дека причината или етиологијата е непозната. Тука влијаат генетските фактори, бидејќи процентуално, женските лица почесто заболуваат од искривување, во размер околу осум спрема еден. Точната причина за развој на овој вид деформитети не е позната. Тешките ранци, неправилното држење на телото, долгото седење, долго седење пред компјутер или таблет, физичката неактивност можат само да придонесат или пак да бидат причини за таканаречено лошо, сколиотично држење. Тоа се таканаречените неструктурни сколиози кои имаат мускулно нарушување, кои даваат лошо или сколиотично држење, меѓутоа нема реален деформитет на ‘рбетот и се лесни за корекција. Структурните сколиози или вистинските деформитети на ’рбетниот столб имаат многу посериозна проблематика и се навистина комплексни и долготрајни за лекување.

Пристапот кон лекување на сколиозата зависи од нејзиниот степен на изразеност и попатно се менува во текот на растењето
Освен забрзниот раст, дали постојат други фактори кои влијаат врз влошување на сколиозата?
ДИМОВА: На прво место е полот. Веќе рековме дека женските лица почесто заболуваат од сколиоза за разлика од машките лица. Затоа е многу важно редовното следење, бидејќи не може однапред да знаеме на кое дете може да му се случи да почне да развива деформитет на ’рбет. Токму тој забрзан раст во тие години е период кога детето расте, но интензивно расте и деформитетот. Токму во овој период треба најмногу да се дејствува и тогаш е најголема можноста за корекција на деформитетот. Ако се пропушти таа возраст, во моментот кога ќе заврши коскениот раст на детето, немаме веќе никаква можност за корекција на деформитетот, освен хируршка.
Колку спортувањето помага во лекување на искривен ‘рбет?
ДИМОВА: Спортувањето, секако, се препорачува. Пливањето посебно се препорачува за третирање на проблеми со ’рбетот, но ниеден друг спорт не е исклучен и не е забранет кај децата кои имаат деформитети на ’рбетот. Дури и асиметричните спортови, како тенисот, на пример, не е исклучен. Но, спортската активност не е сама по себе доволна за третирање на деформитетите, туку тие треба соодветно да се третираат според препораките на специјалистот ортопед. Спортската активност ќе биде само дополнување.

За најблагите степени на сколиоза лекувањето се состои во спроведување на специфична програма на вежби
Дали може сколиозата да се излечи?
ДИМОВА: Секако дека се лекува. Но, како што напоменав, лекувањето е комплексно и долготрајно, бидејќи можноста да напредува трае онолку колку што трае скелетниот раст на пациентот. Пристапот кон лекување на сколиозата зависи од нејзиниот степен на изразеност и попатно се менува во текот на растењето, зависно каков е ефектот од она што се прави како третман. За најблагите степени на сколиоза лекувањето се состои во спроведување на специфична програма на вежби за сколиоза кои пациентот ги добива од страна на стручно лице. Вежбите треба да се научат правилно и да се применуваат секојдневно за да има ефект од третманот. Нередовното спроведување на вежбите не дава никаков ефект. Тука имаме борба со пациентите. Многу битно во пристапот на третманот на лекување на сколиозите е самиот однос на пациентот, соработката со него, со родителите. Треба да се објасни колку е важно да се следат препораките и да се биде упорен во лекувањето кое може да трае долги години. Важно е да се доаѓа на редовни контроли за да се следи процесот – дали сколиозата стагнира, се намалува или пак евентуално, напредува. Следен чекор би бил носење на корективно помагало, ортоза, или таканаречени корсети, кои служат дополнително да прават секојдневен притисок, потпора и корекција на деформитетот, повторно во комбинација со вежбите кои треба и понатаму да се спроведуваат редовно. Најтешките облици на сколиозата се лекуваат хируршки, со корективни хируршки интервенции. Ги има повеќе видови и зависат од степенот, од видот на сколиоза, од нивото на ’рбетниот столб на кој се јавува сколиозата.
Целото интервју може да го погледнете на следниов линк.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


