Деформациите на ‘рбетниот столб што најчесто ги сретнуваме во физијатриските амбуланти се сколиоза и кифоза. Сколиозата е состојба во која ‘рбетот е искривен настрана. Искривувањето може да биде на левата или на десната страна или на двете страни, па изгледа како буквата „S“ и деформациите кифоза или грбавост. Не е ретко кај ист пациент се сретнува и комбинација –кифосколиоза, вели д-р Марија Марковски, специјалист по физикална медицина и медицинска рехабилитација, која работи во одделението за физикална медицина и рехабилитација при „ГОБ 8 Септември“ во Скопје. Според неа, спортот е многу битен во лекувањето. Секој физијатриски преглед почнува и завршува со препорака за спортување.
Што покажуваат резултатите од систематските прегледи во основите и во средните училишта, дали деформациите на ’рбетот се во пораст?
МАРКОВСКИ: Резултатите од систематските прегледи во основните и во средните училишта покажуваат дека деформациите на ‘рбетот (сколиоза – странично искривување на ‘рбетниот столб и кифоза или грбавост) кај децата од школска возраст се во благ подем. Се движат во рамките на глобалната застапеност од 0,9 до 3,0 проценти. Лесен тренд на пораст, особено на сколиоза, се забележува во статистичките податоци добиени особено од систематските прегледи од основните училишта.
Кои се најчестите деформации кај децата во оваа училишна возраст?
МАРКОВСКИ: Деформациите на ‘рбетот што најчесто ги сретнуваме во физијатриските амбуланти се сколиоза и кифоза. Сколиозата е состојба во која ‘рбетот е искривен настрана. Искривувањето може да биде на левата или на десната страна или на двете страни, па изгледа како буквата „S“ и деформацијата кифоза или грбавост. Не е ретко кај ист пациент да се сретне и комбинација – кифосколиоза.
Поради што се јавуваат деформациите на ‘рбетниот столб? Дали влијае наследниот фактор или, пак, современиот начин на живот?
МАРКОВСКИ: Вкупно влијаат многу фактори. Од нив, педесетина ја предизвикуваат деформацијата. Големо влијание има генетиката, односно позитивната фамилијарна анамнеза.На поставените прашања во тек на прегледот често е застапено наследството, но, од друга страна, има многу автори што го поврзуваат забрзаниот раст на денешната млада генерација, како и негативните последици на хипокинезијата, односно недвижењето, неактивноста. Потоа заморот што се јавува во долготрајното седење пред новите технолошки пронајдоци, компјутерите, таблетите и екраните, децата најчесто заземаат неправилни позиции, кои со време преминуваат во лошо држење на телото, а потоа тоа води до функционални – лабави деформации, кои на крај водат до тешки структурални промени и деформации на ‘рбетот, но не треба да го занемариме ни фактот дека подобрената детекција, односно подобреното функционирање на здравствените служби е заслужно за рано откривање на деформациите.
Како да се открие навреме деформацијата?
МАРКОВСКИ: Деформацијата најчесто се открива на систематските прегледи во училишта, но сѐ почесто се случува деформацијата да ја увиди самиот родител или наставниот кадар. Тоа се должи на едукацијата на наставниот кадар и на родителите. Постојат земји во кои е регулирано со закон еднаш годишно, на почеток на училишната година, родителите или старателите да пополнат формулар што содржи инструкции како да се препознаат деформации сколиоза и кифоза. Родителите одговараат на следниве прашања: Дали едното рамо е повисоко од другото, дали едната лопатка е поподигната од другата, дали е еднаква половината, раката од едната страна е поблиску до телото, за разлика од другата, едната нога е пократка од другата. И ако има отстапување задолжително да побараат совет од стручно лице. Од особено значење е да се открие навреме и да се следи, со редовни контроли, опсервација, кај специјалистот за деформација на ‘рбет – физијатарот или ортопедот.
Што опфаќа рехабилитацијата?
МАРКОВСКИ: Конзервативното лекување на деформацијата опфаќа општа програма за сколиоза и за кифоза, која се изведува исклучително индивидуално. Програмата се изработува во зависност од големината на кривината на ‘рбетот, возраста и од физичката подготвеност на пациентот, специфични физиотерапевтски вежби, активна самокорекција, работна терапија за спречување на прогресијата на деформациите во текот на растењето. Кај потешките деформации се ортотизираат пациентите со спинални ортози, таканаречени пластично корсети ТЛСО (тораколумбални сакрални ортози) и за оваа група пациенти се воведуваат вежби со корсет и вежби без корсет, повторно програмата се подготвува индивидуално. Има и вежби во базен – хидрокинезитерапија. За жал, има еден мал број на пациенти каде што конзервативното лекување не помага и ќе бидат подложени на оперативно лекување.
Колку спортувањето помага во лекувањето искривен ’рбет?
МАРКОВСКИ: Спортот е многу битен во лекувањето. Секој физијатриски преглед почнува и завршува со препорака за спортување, покрај рехабилитацискиот кинетерапевтски протокол, се дава совет за спортување според деформацијата на ‘рбетот и афинитетите на пациентите. Најчеста препорака за спортови се пливање, танц, балет, јога за ‘рбет, пилатес, потоа групните спортови како одбојка, кошарка, ракомет. Речиси нема спорт што го забрануваме, се разбира, со посебен ангажман на лицето (тренерот) што го тренира пациентот. При појава на болки, само делумно се ограничуваат спортовите што го оптоваруваат грбот како што се кревање тегови, гимнастика и копје.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
(интервјуто е објавено во 232. број на неделникот Република кој излезе во печат на 10.02.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.