Резултатите од истражувањето за присутноста и свесноста на сколиозата во Општина Гази Баба, уште еднаш загрижуваат. Дури кај петстотини четириесет и седум деца се присутни сите или некои од симптомите на сколиозата, а преку илјада испитаника одговориле дека познаваат некого што страда од сколиоза.
Резултатите од истражувањето издвојуваат неколку точки што отскокнуваат како критични во општата состојба, пред сѐ нередовните или ретки ортопедски прегледи и овој пат се појавуваат како фактор на ризик.
Повеќе од половина од анкетираните родители не го однеле своето дете на ортопедски преглед надвор од редовните систематски прегледи. Физичката активност како дополнителна дневна активност е ретко присутна, дури 36 проценти од децата во оваа општина не спортуваат надвор од училишните активности.
– Сколиозата е заболувањe, чиишто последици се интензивираат во подоцнежните години. Но, затоа мора да дејствуваме сега, а тоа е и целта на ова истражување, да ја разбуди свесноста, да апелира и истовремено да едуцира за причините, симптомите и за последиците од сколиозата. Колку што резултатите од спроведените истражувања се загрижувачки, толку се корисни од докторски аспект затоа што нè упатуваат во правилна насока во преземање на конкретни мерки за заштита и превенција од овој вид на телесен деформитет – изјави д-р Иванка Стефановска, шеф на одделението за ортопедија во „Ремедика“.
Приватната општа болница, „Ремедика“ истражувањето го спроведе во соработка со Општина Гази Баба.
– Секој податок за здравствената состојба на децата е корисен и добредојден. Заклучоците од истражувањата ќе ни користат и нам како општина и ќе ни дадат насоки како ние би можеле да придонесеме за промена на состојбите и како да дејствуваме – изјави Тони Трајковски, градоначалникот на општина Гази Баба.
Истражувањето беше спроведено со анкетни прашалници во единаесет основни училишта во општина Гази Баба и беа опфатени вкупно 4979 испитаници. Од нив 3828 од македонска националност а 1151 од албанска. На прашалниците одговараа родителите на децата од прво до петто одделение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.