| четврток, 6 декември 2018 |

Одлична генералка за Вардар пред дуелот со Кристијанштад

Ракометарите на Вардар ги продолжија настапите во СЕХА лигата, откако попладнево во СЦ „Јане Сандански“ на мегдан излегоа со Татран Прешов.
Избраниците на Раул Гонзалес ја забележаа и четвратата победа во истотолку натпревари откако Татран беше убедливо победен со 39-32.
„Црвено-црните“ на најдобар можен начин ја потврдија својата моќ, уште во првото полувреме создавајќи огромна предност и решавајќи го прашањето на победникот за неполни 30 минути игра (23-13). Иако гостите допатуваа во Скопје без најдобрите шест ракометари, тоа не ја намалува вредноста на победата на македонскиот шампион.
Вториот дел беше само рутина и полесен тренинг за да се испробаат сите тактички замисли на Гонзалес пред третиот натпревар во Лигата на шампионите кои вардарци го играат на гостински терен во Шведска против Кристијанштад.

Дејан Манасков беше главна фигура на овој натпревар постигнувајќи осум гола од девет обиди, а ефикасен меч одиграа и Деревен со седум и Дибиров, Македа и Душебајев со по четири погодоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top