| четврток, 6 декември 2018 |

Скандалот на „Фолксваген“ ги размрда водечките производители

Во ситуација кога „Фолксваген“ го тресе сериозен скандал, баварскиот производител BMW неодамна изјави дека неговите сериски модели не користат никаков софтвер кој би можел да влијае врз емисиите во текот на официјалните тестови, пишува порталот „Коли, ком.мк“.

Jaguar Land Rover, Lamborghini, Ford, Bentley, PSA групацијата и Renault, исто така го следеа примерот и побрзаа да негираат дека би се осмелиле да користат технологија и уреди кои би можеле да придонесат за лажирање на резултатите од тестирањата.

Покрај моделите VW Passat и Jetta, во фамозното американско тестирање на емисиите на штетни гасови од дизел моторите, првично бил вклучен и BMW X5 модел со 3,0-литарски агрегат. За време на прелиминарните тестови спроведени во 2014-та година, Х5 поминал добро и не поткренал сомнежи кај американските експерти.

Сепак, текот на целата ситуација го поттикна BMW да излезе со соопштение во јавноста и да ги расчисти сите дилеми. Од овој германски производител изјавија: „Во однос на нашата позиција, мора да потенцираме дека компанијата не користи никаков софтвер кој би можел да влијае врз резултатите од тестирањата за штетни емисии“.

Портпаролот на BMW објасни дека нивните дизел мотори се во согласност со строгите Euro 6 стандарди, кои се навистина ригорозни кога станува збор за емисиите на штетни гасови.

Целата атмосфера околу овој скандал натера и други реномирани производители да излезат со свој одговор. Така, од Jaguar Land Rover истакнуваат дека тие никогаш не би дозволиле да си го загрозат своето реноме со користење на некакви нелегални уреди или пак софтвер.

Портпарол на Ford изјави: „Нашите возила и агрегати, вклучувајќи ги и дизел моторите, ги задоволуваат сите применливи стандарди за емисии и истите се дизајнирани за да демонстрираат извонредни перформанси и на патиштата и во лабораториите. Ние немаме никакви сомнителни уреди во нашите возила“.

Lamborghini, кој е дел од групацијата Volkswagen, исто така, изјави дека сите негови агрегати и модели се во согласност со актуелните легислативи, односно портпаролот потенцираше: „Новите модели на Lamborghini се во согласност со законските барања и стандардите за заштита на животната средина во пазарите на кои тие се продаваат. Lamborghini, сам по себе, е одговорен да ги исполни сите барања и стандарди во врска со контролата на емисиите“.

Групацијата PSA, составена од производителите Peugeot, Citroen and DS, излезе со заедничко соопштение до јавноста во кое се нагласува дека производителите никогаш не би се дрзнале да инсталираат софтвер кој би можел да ги компромитира резултатите од тестирањата.

Портпарол на Renault изјави: „Ги почитуваме сите оние закони и правила на пазарите каде што се пласираат нашите автомобили, не вградуваме уреди кои би ја довеле до прашање релевантноста на спецификациите и понатаму отворено ги поддржуваме сите стандарди кои имаат за цел да ја заштитат животната средина“.

Mercedes-Benz потенцираше дека во ниту еден нивен бензински или дизел мотор во светот не постои софтвер или пак уред чија цел би била нелегитимно ограничување на системот за издувни гасови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top