Хорхе Македа е новиот миленик на вардаровите навивачи, а 27-годишниот император од Толедо веднаш на стартот од Лигата на шампионите покажа дека ќе биде големо засилување за македонскиот првак.
Во битката со големците на европскиот ракомет, потребни се играчи со шампионски калибар и карактер, а Македа ги има тие атрибути. Со Шпанија го освои златниот медал на Светското првенство во 2013 година и бронзениот медал на ЕП, лани и сега посакува афирмација и на клупски план и сличен успех и со Вардар во ЛШ. Во дебито во ова натпреварување во „црвено-црниот“ дрес, Македа одигра одлично и со 6 гола беше најефикасен, заедно со Дибиров, во победата против Монпелје од 30-25. Хорхе има 27 години, игра на позицијата десен бек и потекнува од Толедо, регион кој во минатото го имал епитетот „царска област“. Во Вардар тој е петтиот Шпанец, по тренерот Раул Гонзалес, неговиот помошник Давид Камара и ракометните ѕвезди Алекс Дујшебаев и Арпад Штербик.
Имавте супер деби во Лигата на шампионите со 6 гола против Монпелје. Вашите први импресии за тоа колку е моќен Вардар и може ли да го оствари сонот и да игра на фајналфор турнирот?
Вардар од второто полувреме во Монпелје има право да се надева на атак на завршниот турнир. Сепак рано е за прогнози, бидејќи се одигра само едно коло во новата сезона од Лигата на шампионите. Погледнете какви изненадувања имаше. Европскиот шампион Барселона загуби од Рајн Некар, Загреб го декласира Кил, Фленсбург убедливо го надигра скапиот тим на Пари Сен Жермен, а Веспрем не успеа да ја победи Висла. Вардар мора да игра во континуитет добро, како што тоа го сторивме во продолжението од мечот во Франција. Имавме две лица, лошо во првото полувреме и одлично во вториот дел. Секако дека посакуваме да не се повторуваат често стартните 30 минути, а се почесто да играме како во вторите триесет од Монпелје. Јас сум задоволен со моето деби во Лигата на шампионите, но не ми е важно колку голови сум постигнал. Најважно е да сум во функција на тимот и моите погодоци и асистенции да му носат победи на Вардар. Затоа што Лигата на шампионите е врвно натпреварување и тука нема непобедливи екипи. Тоа е кремот на европскиот ракомет и сигурно ќе биде неизвесно и многу интересно до самиот крај.
Веруваше ли дека некогаш ќе играш во малата Македонија, во Вардар, тим што е релативно непознат во Шпанија?
Искрено не. Кога почнав со ракомет не верував дека некогаш воопшто ќе ја напуштам Шпанија, но и тоа се случи. Најпрво заминав во Франција во Нант, а потоа дојдов во Вардар. Ни на сон не помислив дека некогаш ќе играм за клуб од Македонија, иако тоа е ракометна земја. Но, сега сум среќен што го одбрав овој клуб. Вардар е одлично организиран, тоа се чувствува на секој чекор. Клубот има екстраквалитетни ракометари и јас сум задоволен. Ова е нов предизвик за мене, а почетокот и добрата игра против Монпелје ветуваат многу радост и за мене и за Вардар и за навивачите на клубот.
Кога допатував во Скопје беше ноќ и некако ме фати носталгија, но следниот ден веќе се беше поинаку. Прошетав низ градот и ми се допадна тоа што го видов. Период на адаптација мора да се помине, а јас засега немам никави проблеми. Луѓето овде се слични во многу работи на моите сонародници од Шпанија. Ние сме малку потемпераментни, но ми се допаѓа што Македонците се гостопримливи луѓе, и пред се што го сакаат ракометот. Играв за Шпанија против Македонија во Скопје и знам со колку љубов се следи ракометот кај вас.
Влијаеа ли твоите сонародници Раул Гонзалес, Алекс Дујшебаев и Арпад Штербик да дојдеш во Вардар?
Раул ја почна работата, Алекс и Арпад ја зачинија и така пристигнав во Вардар. Раул ми рече дека му требам во тимот и дека воопшто нема да погрешам ако дојдам во редовите на македонскиот првак. На негова иницијатива пристигнав во Скопје и следев еден тренинг на Вардар. Тука беа Алекс и Арпад, луѓе кои ги познавам од шпанската репрезентација. И тие беа едногласни во советите да ја прифатам понудата на Вардар и јас веќе немав избор. Кога тројца пријатели ти велат да се приклучиш, изборот е полесен. Јас и претходно слушав дека Вардар е одлично организиран клуб, а сега и самиот се уверив во тоа. Секако дека и мене ми е полесно, бидејќи во Вардар има мини шпанска колонија. Со Дујшебаев настапуваме заедно во репрезентацијата и одлично се познаваме, Штербик е легенда на шпанскиот и светскиот ракомет, а Раул Гонзалес е врвен стратег и поранешен репрезентативец на мојата земја. Вардар има уште многу добри ракометари кои ги познавам од големите натпреварувања, а посебно ме радува што и амбициите се насочени кон високи цели.
По победата против Монпелје навивачите на Вардар се воодушевени особено од играта на Македа. Велат не можеше да се ангажира подобро засилување. Годат ли комплиментите?
Секако дека годат комплиментите и првичниот впечаток е важен, но да почекаме да мине одредена фаза на запознавање. Се надевам дека ќе продолжам во добар ритам и дека навивачите на Вардар често ќе се радуваат на победи. Јас сум тука за да бидам во функција на тимот и само тоа е важно. Се надевам дека сите заедно ќе имаме причини за многу радост во иднина.
Денеска за првпат ќе играш официјален меч за Вардар во ЛШ на домашен терен. Подготвен ли си за познатиот скопски пекол?
Искрено јас сакам да играм во пеколен амбиент. И знам како е да се игра ракомет во Македонија, бидејќи настапував со Шпанија против вашата репрезентација, токму во Скопје. Навивањето беше бучно, луѓето постојано беа на нозе и тоа е предизвик и за противничките играчи. Тогаш бев на спротивната страна и ми се допадна амбиентот. Сега ќе бидеме на иста бранова должина и се надевам дека ќе има прекрасна атмосфера против Пик Сегед. Јас сум запознаен со скопскиот пекол на трибините, бидејќи имам гледано неколку натпревари на Вардар во минатите циклуси на Лигата на шампионите. Знам дека и сега ќе биде така, а токму и тој декор од трибините беше еден мал, но значаен сегмент во мојата одлука да ја прифатам понудата на Вардар. Се радувам што ќе дебитирам и пред домашната публика, се надевам тоа ќе биде со победа.
Кој е топ-фаворит според ваш вкус во Лигата на шампионите и кои се најсериозните кандидати за пласман на Ф4 турнирот?
До стартот на Лигата на шампионите за мене прв фаворит беше Веспрем. Имаат страшна екипа, но сега со смената на тренерот Карлос Ортега може да се сменат многу работи. Веројатно ќе има нов концепт на игра со новиот тренер, нов систем, па сега веќе не сум толку сигурен дека унгарскиот тим е главен пик за титулата во Лигата на шампионите. Јас верувам дека Вардар е во кругот на сериозни кандидати за настап на фајналфор турнирот. И би рекол дека четворката по мој вкус е Вардар, Вепрем, Кјелце и Барселона. Но, во ова издание има многу квалитетни екипи и битката за пласман на завршниот турнир ќе биде исцрпувачка.
Шпанија е една од водечките спортски сили на планетата. Фудбал, кошарка, ракомет, тенис… Кој е рецептот за успесите на „црвената фурија“?
Шпанија има одлична стратегија во водечките спортови. Многу се вложува во младите категории и тоа носи успех. Здравата конкуренција е клуч за неверојатните резултати во колективните спортови. Имаме клубови кои се гиганти на светската сцена и во фудбалот и во кошарката и во ракометот, а одлично е што нивниот рејтинг постојано расте. Светот одамна знае за Реал Мадрид и Барселона во фудбал, но тие два клуба на неверојатен начин продолжувата да доминираат на светската сцена. Постојано стануваат се поголеми и побогати и секако поуспешни. Тие ги повлекоа и останатите клубови во Шпанија да бидат подобри и поконкуренти. Така е и во кошарката, секако и во индивидуалните спортови, особено во тенисот. Земја што ги има ѕвездите од калибарот на Иниеста, Чави, Гасол, Надал и плејада други водечки спортисти на планетата нема за што да се грижи. И клучно е што Шпанија има многу успеси на меѓународната сцена и во младинските категории.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




