СВР-Битола соопшти дека синоќа во градот се случиле две сообраќајки во кои лесно се повредени седум лица, а две се задржани на лекување во Клиничка болница.
Во двете сообраќајки учесници се момчиња од 20 до 30 годишна возраст од Битола и од Прилеп, а причините за сообраќајките се истражуваат, истакна Сања Стаматова портпарол на СВР-Битола.
– Првата сообраќајна незгода се случи на булевар „1. Мај“, на раскрсницата со кружен тек, односно на местото викано „Црн Мост“. Во сообраќајката учествувале две патнички возила – „хјунадаи пони“ со битолски регистерски таблици и „фолксваген голф“ со прилепски регистерски таблици. Во двете возила имало по четири патници, сите претрпеле лесни телесни повреди, а едно лице е задржано на лекување во Клиничка болница-Битола, потврди Стаматова.
Во втората сообраќајна несреќа што синоќа се случи на улицата „8.Септември“ во Битола, учествувале момчиња, а едното од нив заради скршеници е задржано на лекување.
– Втората сообраќајка се случи во населбата Горно Оризари на ул.„8. Септември“, а во неа учествувале возач на моторцикл марка „јамаха“ и возач на „форд фокус“ и двајцата од Битола. Заради скршеници моторциклистот е задржан на лекување во Клиничката болница, додека возачот на патничкото моторно возило е пуштен дома. И за оваа сообраќајка нашите екипи поведоа истрага, посочи Стаматова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.