Филмските критичари Марина Костова од Македонија, Павлина Желева од Бугарија, Маја Богојевиќ од Црна Гора, Мајкл Патисон од Велика Британија и историчарката и истражувач од Германија – Ирис Кронауер вчера во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“ дискутираа на тема „Филмската критика како отскочна даска за филмот“.
Модератор беше филмската критичарка Гена Теодосиевска. Таа во воведниот дел од панел-дискусијата рече:
-Да се напише денеска филмска критика и да се промовира не е лесна задача бидејќи кога треба да напишете негативна критика лесно стекнувате непријатели меѓу филмаџиите.
Желева како прв говорник во панел-дискусијата рече дека најпрво сака да го нагласи пријатното изненадување од севкупниот нов визуелен идентитет на фестивалот.
-Се што е поврзано со визуелниот аспект на фестивалот годинава, од постери до каталог, е навистина импресивно. Не го велам ова бидејќи сакам да им се додворувам на организаторите, туку затоа што тоа е поврзано со темата. Во контекст на воведот морам да нагласам дека во Бугарија ретко се пишуваат негативни критики, а уште поретко се наоѓа медиум за да се објави таква – рече таа.
На неа се надоврза Патисон, кој истакна дека доаѓа од земја со најголема јазична покриеност каде е полесно да се биде слободен во исказот. Меѓутоа, додаде дека денес постои тренд да се пишува позитивно и промотивно.
-Многу е важно да постојат слободни и независни критички новинари. За жал, не се испраќа таква порака. Критиката е навлезена во длабока криза, не само во Велика Британија, туку и меѓународно. Професијата е претворена во сервисна индустрија, а фестивалите се колебаат да издадат акредитации на филмски критичари доколку не им гарантираат позитивни објави – нагласи Патисон.
За филмската критичарка и професорка од Црна Гора, Маја Богојевиќ, филмската критика во меѓународни рамки е недоволно платена професија. Затоа и таа, како и повеќето филмски критичари, не живее од оваа професија. Богојевиќ, освен што е професорка, е основач на дигиталното филмско списание „Camera Lucida“ во кое се објавуваат токму филмски критики.
– Во Црна Гора е многу е тешко да се пишува негативно за домашниот филм. Среќа што имаме многу малку филмови годишно. Повеќето мои колеги кои објавуваат во дневни весници немаат читатели. Но не само тоа, општата атмосфера за филмот во Црна Гора е лоша. Недостасуваат филмски институции кои се во процес на оформување, нема доволно буџет итн. Не дека нема таленти, туку нема пари и механизми –рече Богојевиќ.
Кронауер се согласи со Богојевиќ и рече дека и во Германија критичарите не можат да живеат од оваа професија.
-Она што го забележав во последно време кај независните филмски критичари е атмосфера на здружување против меинстримот. Од друга страна, поголемиот дел од филмската критика во последните години се префрли онлајн, на блоговите и слично – вели Кронауер.
Според Костова, Македонија го дели истиот проблем со останатите европски земји. Таа додаде дека просторот за објавување на филмски критики се повеќе се намалува, а причината е тоа што филмот се очекува да се промовира како производ, а не како уметничка форма.
-Во такви услови не е пожелно да размислувате критички. Важно е да се нагласи дека во Македонија нема култура на промовирање на социјален дијалог, односно, дијалог, воопшто. Во медиумите нема доволно простор за критика, а најпогодени се македонските филмски уметници. Доколку бев филмски уметник во Македонија ќе бев среќна да добиев каква било критика. Тоа покажува дека некој ве забележал и некој потрошил часови размислувајќи за вашиот филм. Но оптимист сум дека работите се придвижуваат во добра насока, постои генерациска обнова и фестивали како овој кои обрнуваат големо внимание на филмската критика. Сепак, мораме сами да си отвориме поголем простор и да најдеме начин што повеќе да присуствуваме на светските фестивали – рече Костова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ инспирација за нов балкански филмски фестивал
-
Заврши 39.ИФФК „Браќа Манаки“: Златна камера 300 за кинематографер Кјонг Пјо Хонг
-
Франк Ван Ден Иден кинематограферот од филмот „Девојка“ претставен на „Браќа Манаки“
-
Фестивалските гости на „Браќа Манаки“ го посетија гробот на Милтон Манаки