Во три мостри од петте пратки од увезената српска пченица пред еден месец е утврдено зголемено присуство на тешки метали, дознава „Фактор“.
Според порталот, засега не е познато за колкаво количество затруена пченица се работи, што ќе се случи со спорните количини, дали некои од нив завршиле во промет ниту, пак, што ќе биде со другите количини пченица во магазините на увозниците.
Спорната пченица беше увезена во земјава пред еден месец и тогаш од АХВ беше кажано дека се испратени мостри од сите пет пратки на суперанализа, но досега во јавноста сѐ уште не излезе официјално известување за резултатите од дополнителните испитувања.
– Агенцијата за храна и за ветеринарство на Република Македонија, во рамки на своите редовни активности, при контрола на храната од увоз на граничните премини, утврди зголемена концентрација на тешки метали над дозволените граници пропишани со Правилникот за општите барања за безбедност на храната.
Во согласност со законските процедури, целата количина на сомнителната пченица се наоѓа под надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство на местото на истоварање и за нив е издадено соодветно Решение за забрана за пуштање во промет. Бидејќи од страна на увозниците е побарано допонително лабораториско испитување (суперанализа), во согласност со утврдената процедура испратени се мострите од сите пет пратки, изјавија пред еден месец од АХВ.
Се работи за пет пратки на печница увезена од Србија со вкупна тежина од 330.220 килограми, набавена од два различни снабдувачи, а наменета за три големи македонски мелнички капацитети.
Од АХВ уште тогаш соопштија дека спорните количества се наоѓаат во карантин и дека ќе се чекаат резултатите од суперанализите. Тврдеа дека ниту еден грам од количествата не завршиле во промет, односно во производство на брашно и на леб бидејќи првичните анализи биле направени уште на граничниот премин кога пристигнале шлеперите. Од АХВ уште тогаш предупредија дека по добивањето на резулатите ќе постапат во согласност со законските прописи, потсетува Фактор.
Македонските мелничари уште кога излезе информацијата дека во увезената српска пченица првичните контроли покажале зголемено присуство на тешки метали, побараа да се испита и српското брашно. Според нив, доколку тешките метали се присутни во пченицата тогаш затруено е и увезеното брашно од Србија. Но, досега во јавноста немаше информација дали се направени вакви контроли. Оттука се поставува и прашањето, знаеме ли какво увозно брашно јадеме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.