Грчкиот премиер Алексис Ципрас, се надева дека Еуклид Цакалотос повторно ќе биде министер за финансии, но се уште се обидува да го убеди почитуваниот преговарач да ја прифати функцијата, јавуваат грчките медиуми.
Како што пренесува дописникот на МИА од Атина, државното радио објави дека Цакалотос, кој ги импресионираше колегите од еврозоната со конструктивниот приод во преговорите за финансиска помош кога Јанис Варуфакис поднесе оставка, се двоуми дали повторно да ја преземе функцијата.
Засега не се објавува причината за двоумењето на Цакалотос, но се наведува дека е член на т.н. „53 +“ фракција во Сириза, чии членови неодамна изразија загриженост дека партијата се оддалечува од јадрото на левичарски вредности за да остане на власт.
Ципрас се очекува да го објави составот на новиот кабинет денеска доцна попладне и партиски функционери веќе изјавиле дека Цакалотос „веројатно“ е избор за министер за финансии.
Според радиото, и ако Цакалотос не биде назначен за министер за финансии, тој може да ги води преговорите со еврозоната за финансиската помош од 86 милијарди евра.
Алтернатива на Ципрас наводно е Јоргос Хулијаракис, кој беше министер за финансии во привремената Влада која беше воспоставена за време на изборната кампања во Грција. Хулиаракис исто така беше еден од водечките членови на тимот кој преговараше за рокови со еврозоната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.