Унгарскиот ракометен тим Веспрем, утринава потврди тоа што уште вчера се шпекулираше на неколку ракометни портали дека му врачил откаж на првиот тренер, Шпанецот Карлос Ортега.
– Денеска е раскинат договорот на нашиот клуб со Антонио Карлос Ортега. Тој мина три години како тренер на Веспрем и стана најуспешен стратег во нашата историја. Му посакуваме многу среќа во натамошната кариера – се вели во соопштението на унгарскиот првак.
Минатата сезона Веспрем играше во финалето на Лигата на шампионите, во голем стил ја освои СЕХА лигата, а ја освои и двојната круна во Унгарија.
Подемот на овој тим тргна токму кога Ортега беше доведен во екипата, сепак, ремито на стартот од ЛШ против Висла Плоцк беше доволна причина за управата на Веспрем да се раздели од шпанскиот стручњак. Воедно, беше објавено дека досегашниот помошник на Ортега, Хавиер Сабате, ќе ја извршува функцијата на шеф на стручниот штаб во следниот период, додека не биде пронајдено адекватно перманентно решение.
Дали ова е правилен потег на управата на екипата знаејќи дека Весрем е еден од најголемите кандидати за освојување на овогодишната Лига на шампиони, и целиот состав е направен по желба на Ортега, или не, ќе покаже времето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.