Возачот на Ферари во Формула 1, Себастијан Фетел со победа на денешната трка која се возеше за Големата Награда на Сингапур го комплетираше фантастичниот викенд за својот тим.
Со денешната победа и откажувањето од трката на Хамилтон, Фетел се вкучи во борбата за титулата оваа сезона. Германецот денеска извозе доминантно за време на трката што траеше повеќе од два часа, сосема заслужено искачувајќи се на највисокото место на пиедесталот, за својата трета победа сезонава, вкупно 42. во кариерата.
По освојувањето на пол-позицијата, Фетел од самиот почеток го диктираше темпото во трката и во ниту еден момент не дозволи на никој да му ја преземе лидерската позиција, иако возачите на Мерцедес кои имаат одлична сезона се очекуваше да го сторат тоа. Сепак Луис Хамилтон не ја заврши трката поради проблеми со моторот на болидот, додека Нико Розберг денеска заврши на четвртото место.
На второто место на пиедесталот се искачи Дани Рикардо од Ред Бул, а фантастичниот викенд за Ферари го комплетираше и вториот пилот Кими Раиконен кој заврши на третата позиција.
Хамилтон по откажувањето остана на 252 бода, Розберг сега има 211, додека Фетел по денешната победа има 203 бода на своето конто.
Следната трка ќе се вози следната седмица, натпреварувањето за Големата Награда на Јапонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.