Сто кардиохирушки интервенции се извршени во ЈЗУ Универзитетска Клиника за државна кардиохирургија од нејзиното отворање во март минатата година досега. По повод стотата извршена интервенција министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети таа ЈЗУ.
Им честиташе на директорот и на целиот тим на хирурзи, доктори, медицински персонал, кои максимално пожртвувано работеле и за кратко време Клиниката ја направиле една од посупешните, ако не и една од најуспешните здравствени установи.
Посочи дека станува збор за високо професионално извршени интервенции со многу високо ниво на задоволство од страна на пациентите кои биле третирани.
– Секој пациент кој се третира тука по извршената кардиохирушка интервенција се испраќа на бесплатна рехабилитација во Охрид во времетраење од еден месец. Секој пациент кој ја напушта Клиниката излегува од него со потпишано конзилијарно мислење за упатување на бесплатна рехабилитација во Кардиолошкиот завод во Охрид под надзор на кардиолози, анестезиолози, доктори во оваа област и тоа дополнително го зголемува задоволството на пациентите и квалитетот на севкупниот третман на пациентите на Државната кардиохирургија, рече Тодоров.
Додаде дека очекува оти и во наредниот период Државната кардиохирургија, која се базира на најсовремените стандарди во медицината, пациент – центричен систем, ќе продолжи да се развива со исто вакво успешно темпо.
Кардиохирургот Сашко Јовев истакна дека стотиот пациент бил итен пациент со стеснување на главната коронарна артерија и го оперирале пред два дена.
– Тоа е 75-годишен човек кај кого се направени два бај паса, кој беше изваден од респиратор вчера и е во сосема стабилна состојба. Во моментов во нашата Интензивна нега лежат пет оперирани пациенти, рече Јовев.
Одговарајќи на новинарско прашање за успешноста на интервенциите појасни дека од 100 пациенти, 98 се сосема добри, а двајца пациенти кои биле во многу тешка состојба, во текот на пролетта починале.
– Едниот од тие пациенти егзитира заради стомачни проблеми, направи велиме акутен абдомен и потоа е опериран на Клиниката за абдоминална хирургија и не се опорави. Вториот пациент беше многу постара жена како итна пациентка која долго време лежеше на Клиниката за кардиологија и не сакаше да се оперира. Ние во последен момент ја опериравме и беше екстремно високо ризична, рече Јовев.
Постои, истакна тој, уште еден момент, ние практично не ги избираме пациентите.
– Кај над доаѓаат пациенти кои имаат нарушена срцева функција, со многу останати болести, мошне стари пациенти и кога сето тоа ќе го земеме предвид успешноста одговара на процентот на успешност каде било во Европа, додаде Јовев.
ЈЗУ Универзитетска Клиника за државна кардиохирургија е основана со одлука на Владата на 22 јануари 2014 година. По неуспешните обиди во изминатите 40 години, првпат во РМ е основана професионална и модерна Клиника за државна кардиохирургија, што претставува витален проект за македонскиот здравствен систем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.