Врвниот италијански кардиохирург Антонино Маруло ќе биде дел од тимот на новоформираната Државна кардиохирургија, објави „Вечер“. Тој своето богато искуство стекнато во повеќе светски реномирани болници, меѓу кои Клиниката Кливленд” во САД, ќе го искористи и заедно со македонски лекари предводени од д-р Сашко Јовев, кардиохирург и Димче Славески, кардиоанестезиолог, ќе врши интервенции во ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија.
Како што информираше вчера министерот за здравство, Никола Тодоров, Маруло е хируршки експерт во кардиохирургија за возрасни, коронарна кардиохирургија, валвуларна хирургија, хирургија на аорта и на срцеви маани, вклучувајќи и трансплантација на срце.
Според министерот, кардиохируршкиот тим ќе го сочинуваат од пет до седум кардиохирурзи, а меѓу нив ќе има и Македонци кои со години работеле кардиохирургија во приватни здравствени установи во земјава и во странство. Тодоров нагласи дека првата кардиохируршка интервенција се планира да биде изведена на крајот на март годинава.
-Предвидуваме да има уште еден тим кој постојано ќе доаѓа од една болница од Швајцарија, кој, исто така, ќе престојува во Македонија за изведување на интервенциите -вели Тодоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.