Изборите мора да се одржат согласно договорот. За таа цел потребна е соодветна изборна законодавна рамка која треба да се донесе до 6 октомври што е во согласност со јунскиот договор. Европската Унија е подготвена да ги искористи сите свои ресурси за да помогне во однос на изборите, порача вечерва во Скопје еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан на заедничката прес конференција со премиерот Никола Груевски по состанокот за Пристапниот дијалог на високо ниво.
– Сите мои партнери потврдија дека изборите треба и мора да се одржат до крајот на април како што беше договорено. Тоа е една обврска која што беше договорена и тие треба да се подготват во согласност со европските и меѓународни стандарди. ОБСЕ/ОДИХР, Советот на Европа се тука за да го понудат своето искуство во подготвувањето и мониторингот на овие избори. Европа е подготвена да ги искористи сите свои ресурси, човечки ресурси за да помогне во однос на изборите, но за да се направи ова важно е да се има соодветна изборна законодавна рамка и за да се донесе оваа законодавна рамка во склад со јунскиот договор при што сите политички лидери се обврзаа дека најдоцна до 6 октомври треба да има договор за содржината на нов изборен законик, рече Хан.
Во однос на бегалската криза порача дека ЕУ ќе и помогне на Македонија во справување со овој проблем за да не стане жртва. ЕУ мора да си ја заврши работата, рече Хан и најави дека следната недела на престојниот Совет на ЕУ ќе се донесе заеднички документ за европска солидарност не само со бегалците, туку и со земјите од регионот како Македонија која е на бегалската рута.
Премиерот Груевски подвлече дека политичкиот договор е добра основа за успешно надминување на предизвиците и повторно концентрирање на напорите за преминување во следниот чекор од пристапниот процес. Започнувањето на преговорите со ЕУ е примарна цел за Република Македонија, а преку засилен европски партнерски ангажман, додаде, е можно унапредување на процесот на евроинтегрирање.
– Почетокот на пристапните преговори е можен и неопходен и треба конечно да се случи како што повеќе години наназад предлага ЕК. Треба да се дозволи пристапните преговори да течат паралелно со разговорите за наметнатиот спор за името со нашиот јужен сосед, со кого сме одлучни да градиме партнерски односи во рамки на ЕУ и НАТО. Тоа ќе биде најдобрата мерка за зајакнување на меѓусебната грчкомакедонска доверба, истакна премиерот Груевски.
Еврокомесарот Хан денеска имаше средби со лидерите на политичките партии, а претпладнево се сретна и со претставници на граѓанското општество. Тој заедно со премиерот Никола Груевски копретседаваше со петтиот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската Унија.
Утре, во рамки на престојот во Македонија, Хан ќе го посети и граничниот премин кај Гевгелија со цел, како што рече, лично да се увери каква е состојбата со мигрантите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.