| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Преку редовни средби со бизнисмените до уште подобра бизнис клима

stavre

Преку редовен дијалог со бизнис заедницата до континуирано унапредување на бизнис климата – е мотото на средбите на екипата составена од претставници од Мистерството за финансии, Царинската управа, Управата за јавни приходи и Управата за имотно-правни работи, со стопанствениците низ Македонија. Екипата предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески вчера се сретна со бизнис заедницата во Прилеп.

На средбата на прилепските бизнисмени им беа презентирани новите владини мерки и законски измени, а потоа беа сослушани нивните проблеми, идеи и барања и беа договорени конкретни активности.

– Секаде каде може да најдеме решение, ние го бараме. Поборник сум за тоа дека треба да се разговара со оние кои се во оваа област, бидејќи кај нив се решенијата. Добро е кога се има идеи за да се направи подобар закон. Вратите кај мене за бизнис заедницата секогаш се отворени. Успехот е секогаш заеднички – се обрати вицепремиерот Ставрески пред прилепските бизнисмени.

Ставрески изрази задоволство од економските резултати во првото полугодие од годинава и истакна дека македонското стопанство е жилаво, бидејќи и покрај неповолните политички услови успеало да оствари добри резултати.

На бизнисмените им беа презентирани и најновите измени во казнената политика во насока на нејзино олабавување и намалување на казните. Беше објаснета и новата категорија „опомена“, која ќе им се изрекува на фирмите кога првпат ќе направат прекршок, наместо да се казнуваат. Целта, како што беше наведено, е да се едуцираат фирмите да работат правилно, а не да се казнуваат.

На прилепските бизнисмени им беше презентиран и проектот „Македонија вработува“. Како што беше истакнато на средбата, проектот во Прилеп за 5 месеци креирал 357 нови работни места. Вицепремиерот истакна дека е добро фирмите и понатаму да го користат овој проект, бидејќи тој истовремено им заштедува трошоци на фирмите и отвора нови работни места.

Ставрески им најави на бизнисмените дека во ноември ќе почне изградбата на патот Дреново-Плетвар, инвестиција од 42 милиони евра, што значително ќе придонесе во подобрување на инфраструктурата во тој регион.

Исто така, пред средбата со бизнисмените министерот за финансии со градоначалникот на општина Прилеп, потпиша Договор за грант од 7,8 милиони денари за изградба на инфраструктура во индустриската зона „Прилеп 1“.

Ставрески по средбата со бизнис заедницата ја посети фабриката „Конфиангел“ која во моментот е најголемиот работодавач во Прилеп со 1.000 вработени и која има континуиран раст на извозот во Германија и Англија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top