| четврток, 6 декември 2018 |

Иако не врне, Охридско ќе расне

vodostoj ohridНеповолните временски состојби проследени со интензивини вренежи во изминатите денови ја усложнуваат вкупната хидролошка состојба на водотеците на реките од сливот, како и на самото Охридско Езеро. Вчера наврнатите 32 литри на  квадратен метар во охридскиот регион резултираа со покачување на нивото на реките од сливот, кои на критичните места се излеаја од своите корита.

Нивото на Охридско Езеро се наоѓа на 694 метри надморска височина, што е 25 сантиметри над максимално дозволената кота. Високиот водостој веќе предизвикува проблеми во населбите на самото крајбрежје, особено во првиот ред од станбените објекти, каде што веќе се регистрирани поплавувања на подземни простории.

Надојденото езеро веќе проголта дел од плажите на источното крајбрежје. Водата не може да ја прими ниту канализациската мрежа, така што на многу места има прелевање на шахтите. Тоа предизвикува големи проблеми во функционирањето на колекторскиот систем за заштита на Охридско Езеро, кој во такви услови нема капацитет да ги прими канализациските и атмосферските води.

Кога се работи за водотеци, проблеми се регистрирани на оние критични точки каде секогаш при зголемен водостој се јавува излевање на реките од коритата. Регистрирано е излевање на Голема Река од коритото во месноста Средорече, на потегот меѓу селата Велмеј и Белчишта во општината Дебрца. Под вода се дворови, обработливи површини, а наместа водата е надојдена до пред самите станбени објекти.

Иако со подобрувањето на денешните временски услови не се забележува раст на водостојот на реките, неповолните временски прогнози за наредните денови дополнително ќе ја усложнат и веќе неповолната хидролошка состојба во регионот. Доколку нема врнежи во наредните денови, ситуацијата со водостојот на Охридско Езеро и натаму ќе остане неповолна поради тоа што ги акумулира сите водотоци од регионот, така што неговото ниво и натаму ќе расте.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top