| четврток, 6 декември 2018 |

Убиени џихадисти поврзани со грабнувањето на Салопек

Осуммина џихадисти вчеравечер беа убиени од страна на египетските безбедносни сили.

01-43-405-policija-salopek

Џихадистите биле поврзани со грабнувањето на Хрватот Томислав Салопек, за кого Исламска држава соопшти дека го обезглави.

Терористите биле ликвидирани при едночасовната престрелка во пустинскиот реон Ел Вахат, југозападно од престолнината Каиро.

Салопек (30), вработен во претставништвото на една француска градежна фирма во Египет, во јули беше грабнат во истата област. На крајот Хрватот веројатно бил префрлен кон границата со Либија, каде им бил предаден на Исламска држава.

На 12 август радикалната група соопшти дека го убила Салопек.

Според египетската истрага, ликвидираните џихадисти биле замешани и во атентатот врз главниот египетски обвинител, Хишам Баракат, кој беше убиен на 29 јуни.

Египетското Министерство за внатрешни работи, малку подоцна соопшти дека безбедносните сили по грешка убиле најмалку 12 и раниле 10 мексикански туристи и Египѓани, додека во текот на вчерашниот ден ги бркале џихадистите низ реонот на Ел Вахат.

Мексиканците патувале со четири џипа во конвој низ пустинскиот реон во западен Египет, каде војниците и полицајците ги бркале екстремистите. Тие по грешка биле сметани за терористичка цел од страна на силите за безбедност, кои отвориле оган врз нив.

Туристичката група се наоѓала во забранетета зона за цивили.

Формирана е специјална комисија за истрага на трагичниот настан.

Во моментот не е познато колку точно Мексиканци се убиени и ранети, пренесува МИА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top