Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, победи на Отвореното првенство на САД, откако во финалето ноќеска го совлада вториот играч на светот, Рожер Федерер со 3:1 во сетови (6:4; 5:7; 6:4; 6:4). Со оваа победа српскиот тенисер стигна до втората титула освоена во Њујорк (првата во 2011).
Дуелот подобро го почна Ѓоковиќ кој оствари водство, а потоа Федерер кој го крена нивото на игра и успеа да изедначи на 1:1 во сетови. Во третиот и во четвртиот сет повторно нијани решаваа за подобриот, во овој случај Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ по 10. пат освои Грен слем титула, а оваа година играше во финалето на сите четири Грен слем турнири и победи во Мелбурн, Лондон и во Њујорк, а загуби само во Париз од Вавринка.
По триумфот, Ѓоковиќ изјави:
– Беше многу тежок меч. Знаев дека ќе биде агресивен и дека нивото на неговата игра нема да паѓа. Знаев дека мора да играм така за да го освојам овој пехар. Ова беше неверојатна вечер за мене.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.