| четврток, 6 декември 2018 |

Возобновено традиционалното септемвриско искачување на Руен

руен

Околу 120 планинари од Крива Паланка, Струмица, Скопје, Пробиштип, Куманово и Софија, Република Бугарија денеска се искачија на највисокиот врв на Осоговските Планини, Руен.
Планинарската акција ја организираше Здружението за планинарење и заштита на планината „Калин Камен“ од Крива Паланка.
Претседателот на здружението Денис Ангеловски информира дека искачувањето претставува возобновување на 35-годишната традиција за искачување на Руен во вториот викенд од месец септември која беше прекината во изминатите три години.
– Целта на оваа акција е да ја вратиме запоставената повеќедецениска традиција на искачување на Руен во овој период од годината, која е запоставена изминатите неколку години и е со измесетен датум. На Руен денес се искачија околу 120 планинари, ентузијасти од речиси сите краеви на земјава, а особена чест е  што на акцијата се одзваа и неколку планинарски друштва од соседна Бугарија – изјави Ангеловски.
Тој додаде дека иако „Калин Камен“ е релативно младо здружение, радува фактот што се поголем број љубители на планината и авантурите се приклучуваат кон него.
– За неполна година успеавме да екипираме одличен тим планинари. Здружението веќе брои над шеесет активни планинари, а со секоја нова акција доаѓаат нови членови – рече Ангеловски.
Здружението за планинарење и заштита на планината „Калин Камен“ од Крива Паланка со свои членови изминатата недела учествуваше на искачувањето на највисокиот врв во Македонија Голем Кораб, а недела претходно се искачија и на највисокиот врв на Балканот, Мусала.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top