| четврток, 6 декември 2018 |

САД: Приштина да одлучи каква автономија ќе им даде на Србите на Косово

САД сметаат дека останува на Приштина да одлучи како ќе воспостави облик на автономија што Србите го бараат за северно Косово, а улогата на Белград е во тоа јасно да им каже на Србите дека е време да се реши тоа прашање, изјави синоќа портпаролот на Стејт департментот, Викторија Нуланд.

 – Ние сакаме да видиме мирно решение на овие проблеми, што ќе овозможи и Косово и Србија да напредуваат, да продолжат напред на европскиот пат. Очигледно е дека Косово треба да одлучи каков облик на автономија ќе воспостави – изјави Нуланд на конференција за новинари во Стејт департментот, пренесува „Танјуг“.
На прашањето дали Белград има улога во решавањето на прашањата за позицијата на Србите во северниот дел на Косово, Нуланд одговори дека Вашингтон смета дека улогата на Србија е јасно да им каже на српските граѓани, етничките Срби, дека е време да се решат овие прашања.

Според Нуланд, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Катрин Ештон, со претставниците на двете страни работи на прашањата за паралелни српски структури, признавање, нормализирање на односите и друго.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top