| четврток, 6 декември 2018 |

Нема договор меѓу Белград и Приштина

Приштина и Белград не постигнаа договор. И по осмата маратонска рунда преговори не се решија разликите околу статусот на северниот дел на Косово. Високата претставничка на ЕУ Кетрин Ештон смета дека „јазот е тесен но длабок“.

–      Очекувам Белград и Приштина да донесат одлука во следните неколку дена, изјави Ештон.

Според српскиот премиер Ивица Дачиќ, разликите биле во ставовите во врска со надлежностите на идната заедница на српските општини, полиција и правосудство.

-И покрај овие долги состаноци кои ги имавме повеќе пати, ние моментално немаме договор. Имаме уште само некое време да дојдеме до решение, изјавил Дачиќ и додал дека по ваквиот исход од преговорите, Србија тешно може да се надева на датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Косовската страна најмногу се плашела дека заедницата на српските општини остава простор за отцепување на тој дел од Косово.

-Косовската страна се плаши дека заедницата на српските општини може да биде основа за некој иден сепаратизам, додека српската заедница не може да замисли да нема никакви овластувања, изјави Дачиќ.

Сепак премиерот Дачиќ истакнал дека иако не дошло до договор, постигнато било многу на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top