Вкупно 80 маратонци, од кои шест жени, досега пријавиле учество на 29-от меѓународен Охридски атлетски маратон што традиционално се одржува на 8 септември – Денот на независноста на Република Македонија.
Стартот на трката долга 30 километри е предвиден за во 9 часот од кај караулата во Свети Наум, додека првите маратонци на целта на Кејот на Охридското Езеро во Охрид ќе пристигнат некаде 1:40 часа подоцна.
Честа оваа година да го означат стартот на трката ќе ја имаат првиот човек на Европската атлетска асоцијација (ЕАА), Свен Арне Хансен и претседателот на Балканската федерација, Добромир Карамаринов.
Охридскиот атлетски маратон е еден од потешките поради специфичната конфигурација на теренот, но од друга страна тој е исклучително атрактивен токму поради фактот што речиси постојано во текот на трката атлетичарите трчаат на самиот брег на Езерото.
Според организаторите на трката, наградниот фонд за маратонот е мошне скромен, односно изнесува 800 евра за најдобриот, 400 за второпласираниот, како и 200 евра за третопласираниот маратонец. Во женска конкуренција наградите изнесуваат 500, 250 и 100 евра.
Досега најуспешен на Охридскиот маратон е Живко Стојчески, почесниот претседател на трката, кој петпати прв стигнал на целта.
Стојчески ги повика Охриѓани во што поголем број да дојдат на Кејот на Охридското Езеро, да ги пречекаат атлетичарите и на тој начин да ги мотивираат повторно да бидат дел од маратонот, а истовремено да придонесат за популаризација на самата манифестација.
Стојчески најави дека лично од свои средства со илјада евра ќе го награди оној атлетичар што шестпати ќе биде победник на маратонот во Охрид.
Маратон се одржува од 1976 година, а се до 1993 година на 7 ноември – Денот на ослободувањето на градот во Втората светска војна. Од 2004 година наваму маратонот добива меѓународен предзнак, и со исклучок на 2011 година, се одржува секоја година по повод Денот на осамостојувањето на Република Македонија.
Рекордот на трката го држи Борислав Девиќ од СР Југославија, постигнат во 1993 година, со време 1:39:13. Кај жените рекордот и припаѓа на Србинката Ана Суботиќ, која најдоброто време 1:55:23 го постигна во 2010 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.