| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел: Приливот на емигранти ќе ја промени Германија

Германија ќе претрпи измени од масовниот прилив на емигранти, изјави денеска канцеларката Ангела Меркел и вети дека ќе стори сѐ со цел тие промени да бидат позитивни, што според неа е можно.

merkelue_85153-L0x0

 

Говорејќи за „емоционално интензивниот викенд“, кога во Германија пристигнаа околу 20 илјади бегалци, од кои повеќето се од Сирија, канцеларката изрази задоволство поради тоа што Германија останала земја, со која луѓето ги поврзуваат своите надежи. ­

– Тоа е мошне вредно, доколку ја погледнеме историјата, додаде Меркел и нагласи дека Германија ќе ги заштити оние што имаат потреба од неа, а оние што нема да добијат азил, ќе мора да се вратат во своите домови.

Изразувајќи уверување дека Германија ќе може да ги прими и да ги интегрира илјадниците бегалци кои пристигнуваат, Меркел повика за вложување поголеми напори од страна на Европската унија.

– Нема да се соочиме без солидарноста на Европа – додаде таа. ­

– Германија, Австрија и Шведска не можат да бидат единствените земји кои ги прифаќаат бегалците, истакна вицеканцеларот и министер за економија, Зигмар Габриел, од Социјал­демократската партија на Германија на истата прес­конференција со Меркел.

Меркел, Габриел и Хорст Зеехофер, претседател на третата партија од владејачката коалиција Христијанко­социјалната унија, постигнаа спогодба синоќа за нов финансиски пакет од шест милијарди евра за прифаќање и интеграција на бегалците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top