На дваесеттина километри од Охрид, во непосредна близина на селото Трпејца, познато како македонското Сен Тропе, се наоѓа местото Заум. За ова место се познати многу легенди, неодамна беше актуелна легендата за охридскиот бермудски триаголник, каде што една од точките беше токму Заум.
Карактеристично за ова место е што до оваа убавина нема пат по копно, туку до него се стигнува само по вода. Црквата е изградена во 1361 година, изобилува со мистичност, вредност и уникатност. Токму поради тоа се исплетени голем број легенди за ова место. Една од нив е легендата за една девојка од Охрид, која сакала да го преплива езерото, но времето било непогодно и нејзината мајка се противела на тоа, не сакала својата ќерка да ја пушти во езерото на такво невреме. Но ќерката била упорна во својата желба и тргнала. И, навистина, имало невреме, а животот на девојката бил во опасност. Мајката се молела цело време за својата ќерка да остане жива и во своите молитви ветувала дека доколку нејзината ќерка остане жива ќе изгради црква. За среќа, езерото ја исфрлило девојката жива на брегот, токму на местото каде што е денес Заум. Тука мајката изградила црква, која до ден денес постои, автентична. А името Заум е кованица од за ум, што би рекле старите за ука, во сеќавање на девојката што не ја послушала својата мајка.
Ова парче дивина на благите езерски води на охридскиот воден бисер е едно од последните крајезерски уточишта каде што владее ненарушена тишина, која, за жал, е одамна заборавена на другите плажи. Местото веќе со децении ѝ пркоси на забрзаната урбанизација на источното крајбрежје, место што за многумина претставува вистински рај крај езерото.
Меѓу народот познат како „Св. Заум“, местото е вистински дар од природата за кое се прераскажани многубројни легенди и приказни, почнувајќи од градбата на црквата, кованицата „за-ум“, охридскиот бермудски триаголник, приказните на Марко Цепенков, па сѐ до стрмецот и до чудните ветришта кои што се спојуваат во Заумскиот Залив од двете страни на езерото.
Според зачуваниот натпис, црквата е подигната и насликана во 1361 година од Гргур за време на деволскиот епископ Григорие, а најновите истражувања покажуваат дека потекнува од тринаесетти век. Градена е во форма на впишан крст со централна купола што се потпира на четири столба и со осмостран тамбур. Ѕидана е од бигор, камен и тула. Во почетокот, црквата имала и припрата, која била засводена со полукружни сводови.
Тоа што привлекува внимание кај посетителите е претставата на света Ана Млекопитателница, како ја дои малата Богородица.
Иако пристапот да манастирот е само преку езерото, сепак е многу посетен, особено во летниот период. Во поново време е обновена традицијата да се богослужи во овој манастир на 4 јули и на 21 септември, кога е многу посетен од страна на жителите на селата Пештани и Трпејца, како и од Охрид. Старешина на манастирот е свештеник Атанас Казанџиски, парох пештански.
Просторот сега е збогатен со новиот манастирски конак, кој неодамна беше изграден. Постарите се сеќаваат дека и порано постоел таков објект и поради тоа пред неколку години Заводот изработи идеен проект за негова реконструкција. Бил изработен и елаборат за ревитализација на манастирскиот комплекс.
Ленче Мојсоска, историчарка на уметност и магистер по конзервација на ѕидно сликарство од Завод и музеј во Охрид, вели дека црквата изобилува со богат фрескоживопис и дека конзерваторските зафати на црквата „Света Богородица“ имаат големо значење поради механичките оштетувања, присутната влага, како и руинирањето на црквата низ вековите.
Мојсоска, како особено интересен го посочува моментот на ретките претстави на фрески што ги има црквата „Света Богородица“.
Но, ова место не би опстојало какво што е, без неговите жители. Кога ќе стапнете во Заум ве дочекуваат со топло добредојде, чашка ракија, мезе и по некоја приказна… Освен охридските фамилии што повремено по воден пат доаѓаат, престојуваат, заминуваат и го одржуваат локалитетот Заум во живот, тука се и галебите, кормораните, патките, водните змии, лисиците, куните…
Во непосредна близина на „Заум“ се наоѓа и извор што доаѓа од длабочините на Галичица, од каде што потекува ретко бистра и чиста вода. Заум е место што длабоко се врежува во сеќавањето на сите тие што го посетиле, а многумина со нетрпение ќе чекаат на топлите денови, за повторно и повторно да се навратат на рајот покрај езерото.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 156. број на неделникот „Република“, 28.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.