Професионален војник на АРМ, на 27-годишна возраст се здобил со прострелна рана од личното вооружување (автоматска пушка) со кое вршел должност вчера во текот на вечерните часови, за време на редовно извршување на стражарска служба во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Од засега неутврдени причини, соопшти денеска Министерството за одбрана, професионалниот војник при вршење на должност на стражарско место во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, се здобил со прострелна рана од огнено оружје во пределот на стомакот. Професионалните војници кои биле на должност, веднаш му пружиле прва помош, а за кратко време војникот бил пренесен во градската болница во Прилеп, каде било констатирано дека кај него има влезно-излезна прострелна рана во пределот на стомакот. Војникот синоќа е пренесен во Ургентниот Центар во Скопје, каде му е извршена хируршка интервенција и е во стабилна здравствена состојба.
За случајот, се наведува во соопштението, се известени надлежните судски органи, органите на МВР и дежурната служба на Воена полиција, кои се излезени на лице место за да ги утврдат причините поради кои дошло до истрелување на куршум од личното вооружување и повреда на војникот.
Врз основа на првичните сознанија, пред извршување на должноста, согласно Правилото за обезбедување на објекти, материјални средства и луѓе во АРМ, навремено и целосно е извршена подготовка на комплетниот состав на лицата кои извршуваат стражарска служба во гарнизонот Прилеп, при што е утврдено дека професионалниот војник кој се повреди, бил во добра здравствена и психофизичка состојба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.