| четврток, 6 декември 2018 |

Војникот обвинет за инцидентите на Мечкин Камен најави тужба

Професионалниот војник Мартин Богоевски, против кого Министерството за одбрана формираше Комисија за покренување постапка поради наводно негово препознавање, а во врска со инцидентите за 2 Август Илинден на Мечкин Камен, се огласи преку социјалните мрежи.

Богоевски, како што пишува во неговата објава на Фејсбук, со чиста свест и совест изјавува дека нема никаква врска со инцидентите кои се случија на Мечкин Камен при одбележувањето на празникот Илинден.

-Изјавувам уште еднаш дека не сум учествувал во инцидентите и не сум ширел говор на омраза. Определени портали и медиуми се уште се служат со методи користени во времето на инквизицијата, кога јавно беа обвинувани и осудувани недолжни граѓани без никакви аргументи и докази врз основа на тајно клеветење. Ширејќи ноторни лаги и невистини прават обиди за нарушување на мојот личен интегритет и авторитет граден долги години наназад. Во мојата професионална војничка кариера за разлика од бројни личности сум работел и сеуште работам исклучиво согласно Уставот на Република Македонија, законот и моралните норми. Досега во мојот живот немам добиено ниту прекршочна пријава за сообраќаен или било каков друг прекршок, пишува Богоевски.

Тој повторно ги повикува сите надлежни органи и институции да го испитаат случајот во најситни детали за да се утврди вистината преку која, како што посочува, ќе ја исчисти оваа дамка која некој се обидува да му ја постави.

-Од тие причини јас сум приморан правдата да ја барам преку институциите и затоа ја информирам јавноста дека деновиве ќе покренам соодветна судска постапка пред надлежни судови, истакнува професионалниот војник Богоевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top