Домот на културата „Кочо Рацин“, во соработка со издавачката куќа за деца и млади „Вермилион“, го реализира мултикултурниот проект „Патуваме преку сказни“, под покровителство на Град Скопје. Настанот ќе се одржи денеска во просториите на Домот на култура „Кочо Рацин“, како дел од Фестивалот на книгата за деца.
Фестивалот се организира по повод роденденот на познатиот дански писател за деца Ханс Кристијан Андерсен, кој во светски рамки се одбележува како Меѓународен ден на литературата за деца.
Овогодишното издание на фестивалот на детската книга е насочено кон моќта на литературата да нѐ пренесе во различни делови од светот. Или, како што ќе каже д-р Сус: „Колку повеќе читате, толку повеќе ќе знаете. Колку повеќе знаете, на толку повеќе места ќе отидете“.
Фестивалот почнува во 11.30 часот со литературно читање и разговор со неколку автори за деца од Македонија: Христо Петрески, Александар Прокопиев, Ахмет Селмани и Фахри Али, на тема: „Улогата и значењето на сказните во воспитувањето на децата и во образовнието на учениците“.
Во рамките на фестивалот, во 13 часот, ќе бидат претставени неколку нови книги во издание на „Вермилион“: „Зборообразувајќи ги местата“ од Ирен Ниг (Лихтенштајн); „Млечниот пат“ од Барт Мојарт (Белгија); „Почитуван автору“ од Пол Меншип (Велс, Велика Британија) и „Внимавајте како играте“ од Ивона Шајатовиќ (Хрватска). Преводот на овие книги е реализиран со поддршка од програмата за култура на Европската унија.
Како дел од фестивалот, во 19 часот, ќе биде отворена и изложба на илустрации за деца на која учествуваат седум македонски илустратори. Сите тие се пријавија и влегоа во потесен избор на конкурсите за илустратори кои „Вермилион“ ги објавува секоја година. Куратот на изложбата е Нада Пешева. Уметниците што учествуваат на изложбата се: Катерина Соколова, Матеј Богдановски, Марија Настовска, Димитар Торбаков, Нита Муча, Дарко Алексовски и Анастасија Величковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.