| четврток, 6 декември 2018 |

Франција и ЕУ да помогнат за бегалската криза, пратениците апелираа до Дезир

пратенци

Бегалската криза која ѝ се заканува на Македонија и на цела Европа, како и актуелната политичка состојба во земјата, беа во фокусот на денешната средба на францускиот државен секретар за европски прашања при МНР и меѓународен развој Арлем Дезир со членовите на собраниските комисии за европски прашања и за надворешна политика.

Пратениците апелираа до Дезир да ја пренесе пораката дека Македонија се соочува со бегалска криза и оти таа како и другите помали земји од регионот не смее да стане нејзина жртва, а Европската унија треба што поскоро да преземе мерки и да испрати помош.

Според пратеникот Кенан Хасипи, на голем тест е совеста на Европа. Бегалската криза ги погодува помалите земји како Македонија и Србија. Состаноците на високо ниво коишто се најавени за есента и за крајот на годината, а се поврзани со бегалската криза се многу далеку, според него, бидејќи дотогаш стотици илјадници луѓе ќе дојдат во нашата земја. – Република Македонија скапо ги има платено бегалските кризи како косовската и онаа со бегалците од војната во БиХ – рече Хасипи.

Пратеничката Лидија Димова рече дека Македонија е во криза и посочи на вчерашната одлука на судот за непризнавање на доказите на опозицијата во врска со прислушувањето со образложение дека изворот не е познат. Според неа, судот донел ваква одлука не земајќи ги предвид одлуките на Европскиот суд за човекови права. Како што рече, одлуката на судот посочува на фактот дека сепак „бомбите“ на опозицијата имаат некакво значење. Побара од Франција да излезе со став за судската одлука.

Во однос на бегалската криза, рече дека безбедноста на Македонија е поврзана со неа и потсети на настаните во Куманово во месецот мај.

Францускиот пратеник Филип Дирон ѝ одговори на Димова дека Франција не може да заземе став за судска одлука.

– Ова е интерна дебата – рече тој, посочувајќи дека традицијата во неговата земја е никогаш да не се доведуваат во прашање судските одлуки. Побара од Собранието да бидат спроведени одлуките од договорот во Пржино.

Зголемувањето на француското присуство во Македонија и во регионот беше поздравено од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, кој потсети дека фокусот на Република Македонија е јасен – членство во ЕУ и во НАТО.

– Се надевам дека одредени опции кои веќе се заговараат во дипломатските кругови за едно елегатно решение и за примена за она што се нарекува врмена спогодба и за почитување од двете страни ќе даде резултат и Македонија ќе може да стане член на НАТО следната година. Тоа ќе биде вонредно значајно не само за политичката безбедност на државата туку и за целиот регион во време кога мигрантската криза е на самиот почеток и оваа е само првата година од годините што доаѓаат од еден голем бран на миграција на луѓе од Блискиот Исток и од Северна и Централна Африка кон ЕУ, а Македонија е на една двете крстосници – рече Николовски.

Нора Алити од ДУИ предупреди дека бегалската криза треба да се гледа глобално и бара такво решение. – Имаме потреба од финансиска и техничка помо – рече Акити.

Францускиот претставник, според пратеничката Солза Грчева,е навреме дојден во Македонија за да го види длабокиот јаз, како што рече, двете вистини, што се отсликува и во денешното обраќање на пратениците и да види како функционира нашето судство, откако вчера беше објавена одлуката за случајот со прислушуваните материјали.

– Ова ја докажува тезата дека специјален обвинител е неопходен – вели Грчева.  Таа апелираше ЕУ да не дозволи Македонија да стане жртва на мигрантската криза.

Францускиот државен секретар Дезир потенцира дека Европа ќе биде обединета само кога сите земји од Балканот ќе станат дел од Европа.

– Ако понекогаш во Македонија и во другите земји во регион добивате впечаток дека земјите – членки и ЕУ не се доволно присутни и премногу бараат, јас дојдов овде да ја искажам обврската и цврстата определба на Франција која што ја дава, но и соработката која е историска. Одлучени сме да бидеме на ваша страна во европската иднина – рече Дезир.

Во однос на преговорите, рече дека треба да се одржи предвидената агенда и роковите да се исполнат, за да може предвремените избори да се одржат во април.- Една работа треба да биде јасна дека спроведувањето на целосниот договор од сите политички партии треба да продолжи со обврски од сите, рече францускиот претставник додавајќи дека изборот на специјалниот обвинител на 15 септември и ќе биде тест за спроведување на договорот од Пржино.

За бегалската криза, рече дека Македонија треба да се соочи со сериозна криза без преседан за која ЕК ќе додели посебни фондови од 1,5 милиони евра, но најверојатно ќе биде потребна уште поголема помош.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top