| четврток, 6 декември 2018 |

Во несреќата во Свазиленд бројот на загинатите девојки се искачи на 65

свазиленд

Бројот на жртвите во тешката сообраќајна несреќа која се случи вчера во африканското кралство Свазиленд се искачи на 65 девојки кои патувале на традиционалната годишна прослава на Танцот на трската во кралската палата.

– Досега можеме да потврдиме дека 65 девојки загинаа во несреќата, меѓу кои се и оние кои беа критично повредени. Го изразуваме нашето најдлабоко сочувство до нивните семејства – го цитира агенцијата Ксинхуа соопштението поставено на страницата на Мрежата за солидарност во Свазиленд, мала планинска земја со 1,4 милиони жители.

Мрежата Swaziland Solidarity Network (SSN) која се залага за демократија во малото кралство меѓу Јужноафриканската Република и Мозамбик, со соопштението го повика кралското семејство да им помогнат на семејствата на жртвите и да го укине одржувањето на Танецот на трската оваа година.

Агенцијата не добила потврда за бројот на жртвите од страна на официјалните власти, кои претходно во саботата објавија дека загинале само 13 луѓе, наспроти агенциските вести за загинати 38 девојки и за уште 20 тешко повредени.

Другите светски агенции велат дека на локалните новинари и на фоторепортери им било забрането да се доближат до местото на несреќата.

Според информациите на локалните медиуми, ноќта кон петокот младите девојки патувале на одбележување на националниот празник. Тие седеле во задниот дел на камион, кој удрил во патнички автомобил. Потоа на нив налетало комбе, чиј возач немал време да го запре возилото.

Празникот „Умхаланга“ или „Танцот на трската“, секоја година се одржува во кралската резиденција во Свазиленд. Станува збор за национален празник кој се одбележува осум дена, а кулминира со танцот во кралската палата на илјадници девојки кои сакаат да станат кралски невести. Според процените на прославата годинава пред кралот M’свати Трети требало да учествуваат околу 40 илјади девојки.

Кралот на Свазиленд М’свати Трети има право во текот на свеченоста да избере една девојка. Синдисва Сламини, неговата 14-та и засега последна сопруга, е избрана во текот на Танцот на трската во 2013 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top