Австриските и унгарските надлежни органи соопштија дека неколку лица се уапсени во врска со случајот на откривање на 71 мртви тела на мигранти во камион во Австрија, во близина на границата со Унгарија, објави „ВОА“.
Австриските власти изјавија дека меѓу уапсените, двајца се Бугари, а еден од Унгарија. Претходно, унгарските власти рекоа дека четири лица се упсени, тројца бугарски државјани и еден Авганистанец. Во моментов нема објаснување на различните информации.
Австриската полиција кажа дека првичната информација за бројот на мртвите мигранти бил пренизок. Во четвртокот рекоа дека биле пронајдени 20 до 50 лица, а во петок оваа бројка порасна на 71. Жртвите, 59 мажи, осум жени и четири деца, се верува дека се задушиле во каминот кој воедно бил и ладилник.
Началникот на австриската провинција Бургенланд, каде беа пронајдени телата, изјави дека до нив биле регистрирани сириски патни исправи, што сугерира дека некои од жртвите бегале од граѓанската војна во Сирија.
Најновиот развој на настаните се случува откако во Виена се одржа средба на лидерите од Западен Балкан, на која беше разговарано за начините за справување на најтешката мигрантска криза од Втората светска војна, наваму. Германската канцеларка Ангела Меркел беше меѓу лидерите коишто присуствуваа на самитот.
Србија и Македонија станаа главни земји низ кои се одвива транзитот на десетици илјади мигранти кои се обидуваат да дојдат до некоја од земјите-членки на ЕУ.
Минатата недела Македонија прогласи вонредна состојба, а во моментов се справува со 3.000 мигранти коишто секојдневно пристигнуваат од Грција.
Според Агенцијата за бегалци на ОН (УНЦХР) годинава преку 300.000 мигранти се обиделе да минат низ Медитеранот со крајна дестинација Европа. Ова е огромно зголемување од преку 219-те илјади кои го сториле истото во 2014-та.
Во меѓувреме, починале или се водат за исчезнати околу 2.500 бегалци и мигранти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.