| четврток, 6 декември 2018 |

Преструктуирање на нафтениот бизнис?

Бензинските станици на ОКТА се дадени под закуп на други нафтени компании од земјава. На терен, може да се види дека брендот на ОКТА останува, но со нив менџираат други фирми, објави „Алсат-М“. Информацијата за Алсат – М ја потврдуваат од централата на грчката рафинерија, но не откриваат детали колку бензински станици, од кога и на кои нафтени компании се дадени под закуп. ОКТА има вкупно 16 бензински станици.

СТАВ ОКТА 

Повеќето бензински станици кои ги поседува ОКТА се дадени под наем на нашите партнери – трговци на мало. Нема ништо ново во концептот на работење на нашата малопродажна мрежа. Нашата малопродажна стратегија која опфаќа неколку различни модели на управување на ОКТА ребрендираните бензински станици не е променета. Сите останати информации што ве интересираат се дел од бизнис односите на ОКТА со партнерите кои подлежат на договор за доверливост на информации,“ велат од Окта за Алсат – М.

Според неофицијалните информации, дел од бензинските станици на ОКТА, се дадени под закуп на кумановската фирма Детоил, која во земјава под тоа име има пет бензински станици, а е во сопственост на семејството Каранфиловски. Алсат – М, вчера од нив побара писмен одговор за тоа дали и колку бензински станици имаат земено под закуп од ОКТА, но до денеска не добивме никакво одговор.

Инаку, бизнисмените Каранфиловски, освен бензинските станици, поседуваат и фирми преку кои треба да бидат дел од проектот за изградба на гасоводната делница во Клечовце, каде рускиот изведувач сам реши, во директна спогодба, кој ќе гради. Инаку, гасоводната делница кон „Клечовце“ е еден од адутите на Владата за проектот гасификација кој го најавува веќе повеќе изборни циклуси. А, од неодамна семејството Каранфиловски, купија и мнозински дел во кумановската фабрика ФЗЦ 11 Октомври.

Според информациите на Алсат – М, со бензинските станици на ОКТА, сега менаџираат и неколку други нафтени компании во земјава. Изминатите неколку недели, случувањата во нафтениот бизнис станаа актуелни, особено откако сметките на Макпетрол беа блокирани неколку дена, па потоа одблокирани, но се уште се води постапка за овој случај, во кој МВР поднесе  кривични пријави за 21 раководно лице во Макпетрол. По ова, во јавноста се шпекулираше дека се отвора простор за нов, голем, нафтен играч на пазарот, но тоа беше демантирано од страна на властите во земјава. Само неколку дена подоцна, провладините медиуми, објавија извештаи дека Државниот пазарен инспекторат минатата година утврдил дека пет нафтени компании во Македонија, продавале неквалитетен бензин. Имињата на нафтените компании не се откриваат, никој не кажува на кои бензински станици се точело неквалитетно гориво. Дел од нафтените играчи јавно ги повикаа надежните да кажат кој продавал горива со лош квалитет, а ОКТА реагираше со соопштение во кое тврди дека не е една од компаниите во кои се продавало неквалитетно гориво.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top