Пензиите и невработеноста се најголемите кнедли во грлото на СДСМ. Партијата, која долги години го користеше Министерството за труд и социјална политика како фотелја за поткусурување при поделбата на власта со коалициските партнери, во јавноста остана запаметена по најавите и дејствувањата канализирани токму низ ова министерство.
Така на пример, нема пензионер кој нема да истакне дека СДСМ го памети по кратењето на пензиите. Тоа славно кратење на осумте проценти од пензиите го одбележа премиерствувањето на Владо Бучковски. За потсетување, таа 2005 година една третина од пензионерите живееле со пензија под 5000 денари! Од здружението на пензионерите тогаш му порачаа на СДСМ дека на следните избори ќе застанат зад оние што ги штитат нивните интереси. Ресорниот министер, Стевчо Јакимовски, ги олади нивните надежи со објаснувањето дека „во буџетот нема пари за пензиите“.
Во предизборието следната 2006 година, Бучковски директно им се обрати токму на пензионерите со ветување за поголеми пензии за десет проценти, кои бесплатно ќе им биле доставувани од „Македонска пошта“ (!), како и лекови без партиципации за нив. Тој меѓу другото, како што тогаш информираа медиумите, најави дека „со новата влада ќе го исполни ветувањето за вработување по еден член од секое семејство“. Ова ветување остана синоним за давање лажни ветувања во изборните кампањи на СДСМ.
Исходот за тоа како беше прифатено нивното ветување е добро познато. Оттогаш, од тие избори во 2006 година, СДСМ не може да застане на нозе, да креира програма на која гласачите ќе ѝ веруваат и да освои избори.
Поголеми пензии кнедла во сдсмовското грло
Најавеното зголемување на пензиите за пет проценти остана без коментар од СДСМ, иако во договорот од Пржино се предвидува секторот труд и социјална политика да биде раководен од СДСМ, со место за заменик-министер предвидено за ВМРО-ДПМНЕ. Отворена е и можноста за откуп на стаж, признавање на стажот на земјоделците и низа други одлуки и владини решенија за кои СДСМ нема коментар. Наместо нив, пропозициските медиуми, во анализите по оваа најава, се повикуваат на поранешни министри уште од времето кога ПДП беше релевантна партија, или поранешни кадри од партијата наследник на Сојузот на комунистите на Македонија.
Прашање е зошто сегашното зголемување на пензиите и другите зафати остана без официјален коментар од партијата, доколку на пример, на истата тема според официјалната интернет-страница на партијата, во 2012 година посочиле дека СДСМ „е за повисоки пензии и тоа веднаш“, па потоа во 2014 година оценуваат дека „власта покажува лажен и неискрен однос кон пензионерите“ за да се создаде впечаток дека пензиите ќе се зголемат за пет отсто.
Факт е дека секторот труд и социјална политика е тесно поврзан со ресорот економија – уште едно од низата неуспешни сектори на СДСМ. Пензиите и социјалните бенефиции зависат од државниот буџет, а полнењето на буџетот зависи од работата на ресорот економија и условите што ги креира за економско дејствување. Тука повторно се надоврзува ресорот труд и социјална политика, со различните бројни проекти кон зголемување на бројот на вработени и намалување на невработеноста, особено кај социјално ранливите категории – повторно кон намалување на директното празнење на државната каса.
Таквата релација го раздвижи министерството, па во последните девет години креираше проекти кои доведоа од зголемување на пензиите, преку намалување на невработеноста, до социјален дијалог кој резултираше со колективен договор и загарантирана минимална плата и зафати во сферата на земјоделството.
Сето тоа наидуваше на низа критики и коментари од опозицискиот СДСМ. Додека трае колективниот годишен одмор во седиштето на СДСМ, задача на медиумите платени од Сорос се негирање на странските директни инвестиции и на вработувањата. Првиот бран критики и креирање на негативна слика беше германската компанија „Дрекслмајер“, која работи во индустриската зона во Кавадарци, од каде плата земаат повеќе од четири илјади нововработени од тиквешкиот регион. Во критиките на инвестициите предничеше Центарот за европско образование на Лидија Димова, кадровик на СДСМ. Сега на удар е холандската инвестиција, фабриката „Ван Хол“, која, рака на срце воопшто не застанува заради критиките, туку напротив, отвора нов погон и вработува стотици нови работници.
Кој ја води економијата во СДСМ?
Молкот што владее во СДСМ сега кога се во прашање теми кои директно навлегуваат во животот и во џебот на граѓаните, може да се должи и на неодлучноста во партијата за тоа кој е задолжен за креирање на економска програма.
Ако до вчера СДСМ се гордееше со Ванчо Узунов на местото потпретседател во партијата кој беше задолжен за економијата, неговата оставка помина во тишина и без коментари за причините. Наводните „сериозни лични причини“ се наѕираа уште многу одамна, пред последниот изборен пораз на СДСМ, со недоработената платформа насочена кон градење средна класа. Кога во јавноста се појавија многу недоумици и недостатоци на таа платформа, на виделина излезе дека голем дел од неа биле идеи на Кире Наумов, еден од помилуваните противници на Црвенковски и на Заев, наместо на Узунов. Узунов не мислеше дека треба да даде одговор на тие прашања.
Завршувањето на кризата ова лето беше вистинско време Узунов само да ја објави својата оставка од партиското раководно тело. Наумов пак, своите економски проблесоци ги објавува низ опозициските памфлети во печатено и интернетско издание во вид на колумни. Откако партијата ја напуштија или со сила беа дистанцирани и економистите со голем кредибилитет во партијата, како Зоран Јовановски или како Игор Ивановски, тој сега се гледа како најповикан. Наумов ја продолжува низата на критиките кон странските директни инвестиции и владината поддршка кон компаниите кои се одлучуваат да инвестираат, или кон домашните компании кои ќе вработат нови лица.
Но, како еден од креаторите на политиката кон платформата за „враќање на средната класа“ ниту тој ниту кој било друг од СДСМ не дава објаснување како до неа ќе се дојде без вработувања, без пензии, без субвенции за земјоделците, без политиките за преквалификација, без обука и поддршка за самовработување, или без збор за најавените покачувања на пензиите, без реформите со кои се овозможува пензионирање на земјоделците и без другите владини зафати.
До претставувањето на изборната програма на СДСМ има уште време. Веројатно е дека таа ќе биде надградба на истата со која ги загубија минатите избори – оние на кои Зоран Заев јавно убедуваше дека ќе биде новиот премиер, а притоа однапред го знаел нивниот исход. Но, за да може барем малку да ја надмине лошата изборна судбина, Наумов и неговите партиски колеги ќе треба многу да се потрудат да ја убедат јавноста дека секторот Труд и социјална политика, како и Економија, ќе функционираат барем приближно како што функционираат последните девет години водени од ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи, доколку се погледнат црните оценки и прогнози што ги даваше СДСМ за секој економски чекор, како и за зафатите во социјалната сфера, досега барем деветпати македонската економија требаше да биде на чекор до состојбите во Грција.
Но тоа е работа на СДСМ. За нив (како и впрочем за сите) е важно сега, на први септември да се вратат во собраниските клупи, а до 20 октомври да предложат прифатливо име за наследник на министерот Диме Спасов. Овој министер, за разлика од тој што ќе седне во полициската фотелја, не е назначено дека ќе биде технички. Како ќе се однесува кадровикот на СДСМ, во чиј врат ќе дише заменик поставен од ВМРО-ДПМНЕ, во голема мера зависи и од тоа каков однос мисли да заземе опозицијата кон најголемиот дел од гласачкото тело во државата. Згора на тоа, СДСМ освен со пензионерите има и историја на лошо искуство кога станува збор за вработувања, социјален дијалог, затворени фабрики, протести на незадоволни стечајци, земјоделци, нереализирани социјални ветувања. За почеток, би можеле да се вратат на формулацијата од пред некоја година дека „СДСМ е за повисоки пензии – веднаш“.
Ќе води ли СДСМ кампања за трето дете
Дел од програмите кои се спроведуваат преку Министерството за труд и социјалната политика се насочени кон сузбивањето на белата чума. Имено, се покажува дека во неколку најзагрозени општини, бројот на деца, особено на третородени во едно семејство, сè повеќе расте. Финансиската поткрепа за повеќедетни семејства, како и можностите за вработување, го отворија патот кон намалување на драстичниот пад на бројот на децата во Македонија. Сите зафати во борбата со белата чума наидоа на остра критика и на негирање од СДСМ, од каде досега не излезе ниеден предлог како да се спречи на падот на наталитетот. Според договорот од Пржино, до 20 октомври СДСМ ќе го преземе Министерството за труд и социјална политика. Засега нема никакви знаци како ќе се однесува СДСМ во ова министерство кон проектот Трето дете. Меѓу предлозите кои го одбележаа времето на владеење на СДСМ, беше и предлогот за намалување на трудничкото отсуство од работа за жените на само три месеци. Ваквиот однос директно влијаеше врз создавањето клима за намалување на бројот на деца.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 155. број на неделникот „Република“, 21.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.