Од денеска стартува бесплатното паркирање во општина Центар. Директорката на ЈП „Паркинзи на општина Центар“, Маргарита Бакев, денеска истакна дека со едно пријавување до една година може да се паркираат три возила, како дел од фамилијарниот пакет, а наменет за посета.
– Ова е на барање на граѓаните и по нивната иницијатива одлучивме да воведеме бесплатно паркирање на 3 возила, во текот на годината, а во рамки на фамилијарниот пакет – истакна Бакев.
Од денеска важи и гостинската карта, односно сите оние што кај некој од општина Центар ќе доаѓаат на гости, може бесплатно да паркираат со пријавување на возилото на телефонскиот број 072/251-251.
Бакев појасни дека фамилијарниот пакет не важи за сите паркинзи во рамки на „Паркинзи на општина Центар“, туку само во маалото, односно во паркинг- центарот во кој живеат.
Директорката истакна надеж дека нема да се злоупотребува оваа можност и дека нема да се пријавуваат лица кои не се во потесното семејство.
На сите корисници кои до денес извршиле уплата за паркирање на второ возило, јавното претпријатие ќе изврши поврат на средствата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


