| четврток, 6 декември 2018 |

Курц-Штајнмаер: Без Западен Балкан ЕУ не е комплетна

курц
На Виенскиот самит ќе ја потврдиме нашата посветеност на европската перспектива за сите земји од Западен Балкан, како и нашата континуирана поддршка за овој регион. Вратата на Унијата мора да остане отворена за регионот со цел да се обезбеди ЕУ да остане најуспешен мировен проект во светот. Јасно е дека без Западен Балкан ЕУ не е комплетна. Убедени сме дека Виенскиот самит и континуираниот Берлински процес ќе придонесат кон крајната цел – членство во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Австрија и Германија со сите сили ќе ги поддржуваат напорите во таа насока.Ова се нагласува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на Австрија и на Германија Себастијан Курц и Франк Валтер Штајнмаер во пресрет на утрешната конференција за Западен Балкан во Виена во рамки на Берлинскиот процес, инициран во 2014 година од страна на Германија, на која ќе учествуваат премиери, министри за надворешни работи и за економија на сите држави од Западен Балкан, заедно со сите релевантни интересни групи од Европската унија и меѓународните институции.

– Дваесет години после војните на Западен Балкан, регионот е мирен и сите држави од регионот се стремат да станат земји-членки на ЕУ. Но, постигнатиот напредок сепак не треба се земе здраво за готово. Стабилноста на регионот се уште се потпира врз несигурни темели и во голема мера зависи од поддршката на ЕУ. Очекувањата за членство во ЕУ досега беа единствен најважен поттик за имплементација на тешките, но потребни реформи, како и за оддржливи напори за помирување во регионот. Нашата посветеност, на Западниот Балкан да му се даде европска перспектива останува клучна во обезбедувањето на трајна стабилност во регионот, како и во однос на заокружувањето на трансформацијата на политичките системи, економии и општества во регионот. Мирни, стабилни и демократски земји на Западен Балкан се од стратешки интерес на Европската унија, се вели во заедничката изјава.

Според организаторите, целта на самитот е трикратна: да се нагласи конкретниот постигнат напредок во регионот, повторно потврдување и зајакнување на европската перспектива на сите земји во регионот и забрзување на реформите, зголемување на економските можности и поттикнување на соработката во регионот.

Минатата година во Берлин, се потсетува, постигната е согласност за фокусирање врз конкретни проекти, пред се за регионалната централна транспортна мрежа и соодветните коридори за што Европската комисија е подготвена до 2020 година како поддршка да стави на располагање 1 милијарда евра.

– Тоа ќе придонесе за подобро взаемно поврзување на земјите од Западен Балкан, како и за нивното поврзување со ЕУ. Исто така, сакаме да помогнеме во создавањето на нови економски перспективи за младите во Западен Балкан. Австрија и Германија можат да понудат ефикасна експертиза на тоа поле, на пример  преку нивен дуален образовен систем во стручните училишта. Ќе биде претставена регионалната иницијатива за размена на млади, базирана врз многу успешните француско-германски и полско-германски модели. Тоа треба да придонесе за уривање на се уште постоечките ѕидови во умовите на младите луѓе и за помирување,  се наведува во изјавата.

Во однос на евроинтеграциите, двајцата министри оценуваат дека треба уште многу да се сработи од секоја земја – аспирант. За Македонија, меѓу другите, се посочува на успехот на комесарот Јоханес Хан во Скопје за постигнатиот договор меѓу најголемите политички партии во земјата. Воедно, се повикуваат партиите „сега да го трасираат патот за слободни и фер избори во април наредната година, со целосно имплементирање на потребните внатрешни реформи, создавајќи повеќе исти можности за сите политички кандидати“.

На самитот, меѓу другото, ќе биде посветено големно внимание и на мигрантската криза со оглед на фактот што рутата преку Западен Балкан стана главна рута на растечкиот број бегалци кои бараат заштита во Европа.

– Најновите настани кај пограничниот македонски град Гевгелија се потврда за тоа. Тој развој претставува значителен предизвик за пограничните власти и системот за барање азил во некои од земјите на Западен Балкан и во државите-членки на ЕУ. И државите на Западен Балкан исто така треба да преземат одговорност во справувањето со тие предизвици. Но, тие не се сами:Ние во Виена ќе дискутираме на кој начин Европската унија и одделните држави-членки на ЕУ можат да ги поддржат земјите од Западен Балкан во нивните напори за подобрување на обезбедувањето на границата и системот за азил, истакнуваат шефовите на дипломатиите на Австрија и на Германија.

Виенскиот самит што ќе се одржи утре е втор по ред од петте планирани самити до 2018 година во рамки на Берлинскиот процес

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top